Осум ученици од средното скопско училиште „Васил Антевски-Дрен“ ќе имаат можност да се стекнат со практични вештини и искуства во различни сектори на ТИРЗ.
Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и директорката на средното стручно училиште „Васил Антевски-Дрен“-Скопје, Тања Јовановска, денеска потпишаа меморандум кој го одбележува почеток на оваа нова соработка.
„Младите таленти се нашиот најголем капитал и инвестицијата во нивното образование и развој на вештини претставува инвестиција во подобрa иднина за нив дома. За нас е клучно што можеме да бидеме дел од нивниот образовен и професионален раст, и сме сигурни дека оваа соработка ќе донесе многу успешни приказни и перспективи како за нив, така и за целата држава“, изјави Деспотовски.
Во таа насока, Јовановска додаде: „Денес имавме исклучителна можност и чест да бидеме дел од програмата на ТИРЗ за да се поврзе и да се охрабри младиот талентиран човек кој сака своите теоретски знаења да ги сподели во бизнис секторот. Се надевам дека во текот на целата учебна година нашите ученици достојно ќе успеат да одговорат на задачите и да бидат можеби дел регрутирани од некои компании каде што за време на летниот распуст, а и понатаму во професионалниот развој, ќе си го најдат своето место под сонцето.“
Во текот на учебната година, меѓу другото, учениците ќе имаат можност да посетуваат пракса во Дирекцијата на ТИРЗ и во дел од зоните, каде ќе работат под менторство на обучени вработени. Оваа пракса им нуди можност да ги применат своите теоретски знаења во реални работни средини, како и да развиваат практични вештини со применлива вредност на пазарот на труд.
Оваа соработка е дел од широката иницијатива „Иднината почнува дома“ за поддршка на младите.
Во изминативе две и пол години, ТИРЗ успешно спроведува програми за пракса за студенти во кои до сега се вклучени повеќе од 20 студенти од различни универзитети и факултети во земјата.
ТИРЗ започна и кампања за презентација на можностите за вработување во компаниите во Зоните. Целта е промоција и поттикнување на професии и нови работни места со додадена вредност, кои носат повисоки плати за секој вработен, а особено за младите и можностите за работа по европски стандарди дома.
Во рамки на оваа иницијатива ТИРЗ веќе обезбеди значителна поддршка за тимовите на млади математичари и физичари кои годинава ја претставуваа нашата земја на најголемите светски олимпијади по математика и физика во Токио. Тие се вратија со прво злато после 30 години по математика, како и со две бронзи по физика.