Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во соопштението истакна дека министерите од СДСМ, Љупчо Николовски и Благој Бочварски, лицемерно го честитаа завршувањето и пуштањето на патот Страцин – Паланка, кој според партијата, бил завршен по експресен процес откако ВМРО-ДПМНЕ ја презела власта.
„Господата од СДСМ изминативе седум години не успеаја да го завршат патот Страцин-Паланка, па ние моравме експресно да го пуштиме во употреба за само 6 месеци“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата посочи дека ако Николовски и Бочварски се фокусирале повеќе на реализација на инфраструктурните проекти наместо на тендери, патот ќе беше завршен многу порано.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетија на периодот кога СДСМ и ДУИ владееја, нагласувајќи дека „освен тендери и партиски вработувања, не беше реализиран ниту еден значаен проект“.
„Од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, патот Страцин-Паланка е пуштен во употреба, а проектите Прилеп-Градско и Кичево-Охрид се реализираат со полна пареа. Разликата во резултатите е повеќе од видлива“, се додава во соопштението.
На крај, ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека време е за крај на „матните тендери и партиските вработувања“, а дека сега на виделина излегуваат „квалитетот и квантитетот“ на проектите реализирани од актуелната власт.