Место до 25 декември, рокот за аплицирање за субвенции за земјоделците денес ќе биде продолжен за пет дена и ќе трае до 30 декември. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски ги повика земјоделците кои досега не аплицирале, да пополнат барања.
„Ги повикувам земјоделците кои не се пријавиле за субвенции да го искористат последниот рок. На денешната седница на Влада тој рок ќе го промениме и до 30 декември сите земјоделци кои што оствариле производство, треба да го пријават производството на начинот на кој што е пропишано. Барањата се поднесуваат во електронска форма со најава на системот преку линкот директни плаќања и субвенции на веб-страницата за финансиска поддршка во земјоделството. Со измената на рокот која денеска ќе ја направиме ќе дадеме дополнителни пет дена, наместо 25 декември, рокот ќе биде до 30 декември за поднесување барања за оствареното производство кое како кампања првпат се спроведува“, рече министерот Николовски.
2023 година, според министерот, е историска година затоа што првпат по дваесет години откако функционира моделот за субвенционирање, преку новиот модел воведен оваа година, 30 % од субвенциите ќе бидат исплатени предвреме.
„Земјоделците нема да се чекаат до 2024 година туку до 31 декември над 40 илјади земјоделци за првпат ќе добијат 30% авансна исплата. Останатиот дел од субвенциите ќе бидат исплатени согласно моделот кој што го направивме на редовна, навремена и неселективна исплата“, рече министерот денес при посетата на Делчево.
Пополнето барање за субвенции земјоделците треба да го отпечатат и потпишано да го достават во писмена форма или преку пошта во архивата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.