Народна банка: донесени првите насоки за управување со ризиците од климатските промени

narodna-banka-800x533.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Советот на Народната банка ја одржа својата редовна седница на која ги донесе првите Насоки за управување со ризиците поврзани со климатските промени, коишто деловните банки ќе ги земат предвид при формулирање и спроведувањето на својата деловна стратегија и во процесот на управување со ризиците.


Овие насоки се дел од активностите на Народната банка предвидени со Среднорочниот план за управување со ризиците од климатски промени кој беше усвоен од страна на Советот на Народната банка на почетокот на септември оваа година. Со Среднорочниот план, се постави сеопфатна и конзистентна рамка на активностите на централната банка во периодот 2023-2025 година, вклучително и активности за воспоставување регулативна и супервизорска рамка којашто ќе обезбеди соодветно препознавање и претпазливо управување со климатските ризици од страна на домашните банки. Овие насоки се дел од напорите на Народната банка за обезбедување соодветен придонес кон создавањето зелена економија и подигнувањето на свесноста кај банките за значењето на овие ризици. При изработката на насоките, Народната банка ги зема предвид искуствата од други централни банки, препораките на Европскиот банкарски орган (European Banking Authority) како и препораката на Мрежата за зелен финансиски систем (The Network of Central Banks and Supervisors for Greening the Financial System – NGFS) чиј член е и нашата централна банка од 2021 година.

Поконкретно, со овој документ за прв пат се дефинираат насоки за банките за соодветно вградување на влијанието на ризиците поврзани со климатските промени во нивните деловни стратегии и долгорочните стратегиски цели, во процесот на управување со ризици, вклучително и проценка на влијанието на климатските ризици врз другите ризици на кои се изложени банките, во правилата за стрес-тестирање и информативниот систем, како и насоки во однос на организациската поставеност на управувањето со ризиците и градењето соодветни капацитети за разбирање на влијанието на овие ризици врз начинот на работа на нивните клиенти.

Дополнително, овие насоки можат да послужат и како добра основа за градење на супервизорскиот дијалог помеѓу банките и Народната банка во однос на можните практики за идентификување, мерење, следење и контрола или ублажување на ефектите од ризиците поврзани со климатските промени.

На седницата беа разгледани и други тековни материјали поврзани со работата и надлежностите на Народната банка.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK