Во знак на признание и благодарност за неговиот значаен придонес и соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески доби благодарница и награда од страна на Универзитетот.
Оваа почесна награда му беше врачена од ректорот проф. д-р Дејан Мираковски по повод 27 март-патронат на УГД за 2024 година. Наградата е знак за благодарност за неговиот важен придонес во областа на економијата и неговата активна соработка со образовната институција, како и напорите на Азески за поврзување на образованието и науката со бизнис секторот.
17 години од основањето Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го одбележа со свечена академија како централен настан. Традиционално, внимание на овој настан им беше посветен на студентите со најдобар успех, како и на институциите со кои УГД има одлична соработка и заеднички придонесуваат за развојот на нашето општество.
Во фокусот на годинашното одбележување на патрониот празник на УГД беше прашањето – Што треба да значи еден универзитет за општеството во кое делува?
УГД е универзитет кој во своето 17-годишно постоење се стреми кон воведување и развој на нови технологии, учество во научноистражувачките текови на светско ниво, креирање иновации, пренос на знаење на студентите и грижа за вработените.