МЗШВ апелира земјоделците навреме да аплицираат за субвенции за одгледани и заклани грла говеда во регистриран кланичен капацитет

subvencii
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги повикува земјоделците навреме да аплицираат за директните плаќања за одгледани и заклани грла говеда во регистриран кланичен капацитет.

Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои одгледале и продале или заклале говеда во регистриран кланичен капацитет запишани во Регистар на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло, за период од мај 2022  до април 2023 година. Висината на директните плаќања изнесува 1.500 денари по продадено или заклано грло говедо.


МЗШВ посочува дека дополнителни субвенции се предвидени од подмерката 2.5 за одгледани и заклани грла говеда во регистриран кланичен капацитет. Кај оваа подмерка корисници се земјоделските стопанства кои одгледале и продале или заклале говеда во преработувачки капацитети запишани во Регистар на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло, односно се корисници на подмерката 2.5 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2023 година.

-Услов за остварување на право за дополнителната субвенција е грлата говеда да не се помлади од осум месеци и да не се постари од 24 месеци, потоа да имаат минимална тежина од 450 килограми на денот кога се предадени на колење во регистриран кланичен капацитет. Дополнителната субвенција е прифатлива за следните раси на говеда: сименталско, оберинталско, монтафонско, херефорд, шароле, абердин ангус, белгиско плаво, лимузин и истите да се чувани најмалку три месеци во одгледувалиштето до денот пред да се предадат во кланичен капацитет. Висината на дополнителните директни плаќања изнесува 4.000 денари по продадено или заклано грло говедо, информира МЗШВ.

Министерството потсетува дека крајниот рок за поднесување апликации за субвенции за 2023 година за растително и сточарско производство е 30 јуни 2023.

Земјоделците може да ги достават барањата секој работен ден во канцелариите на подрачните единици на МЗШВ или електронски преку веб-страницата на Платежната агенција.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK