Да се скрши “стаклениот покрив” што е синоним за родовата бариера во однос на женското лидерство и да се зголемат можностите жените да дојдат на позиции каде се носат одлуки, беше целта на одржаната Конференција на М6 Едукативниот центар.
Конференцијата која е дел од програмата „Чекор Напред“ на М6 Едукативниот центар насловена како “Женско лидерство – време е да се скрши ‘стаклениот покрив’ преку премостување на родовиот јаз” го адресираше проблемот на кој учесниците преку својата перспектива придонесоа до изнаоѓање на соодветни решенија за негово надминување.
Општеството преку своите политики треба да биде ветер во грбот на жените да се охрабрат и да ги надминат личните внатрешни бариери и општествени предрасуди кон остварување на нивниот потенцијал, беше еден од главните заклучоци.
Исто така, еден од усогласените ставови беше дека учеството на жените на лидерски и позиции ќе доведе до поголеми општествени промени и економски раст.
М6 Едукативниот центар за прв пат ги обедини сите релевантни општествени перспективи за да се дојде до што е можно поинклузивни решенија што ќе го надминат родовиот јаз кон општествен и економски просперитет.
– „Оваа конференција не е само настан; таа е доказ за моќта на соработката и потребата од градење мостови меѓу родовите за да се создаде поинклузивен и правичен свет“, истакна Главната извршна директорка на М6 Едукативниот центар Елена Младеновска Јеленковиќ и додаде “Во нашата потрага по родова еднаквост, да признаеме дека градењето мостови не е еднонасочна улица. Женското лидерство не смее да биде замена на еден род со друг туку се работи за искористување на уникатните сили и перспективи што секој род ги носи во себе. Преку соодветно воспитување на младите генерации, да ја поставиме основата за иднината каде лидерството не се дефинира според родот, туку според компетентноста, карактерот и визијата.”
На настанот постоеше консенсуз дека јазот постои и дека наместо да се намалува, станува поголем.
Во своето инспиративно воведно обраќање на конференцијата, Сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓеоргиевска, истакна дека “Создавањето на еднакви можности за напредок значи да креираме политики и да носиме одлуки имајќи ја предвид и женската перспектива. Заеднички да ги редефинираме очекувањата, да го поддржиме професионалниот развој на жените и да го намалиме родовиот јаз.“
- „Женското лидерство не смее да биде замена на еден род со друг, туку се работи за искористување на уникатните сили и перспективи што секој род ги носи во себе. Преку соодветно воспитување на младите генерации, да ја поставиме основата за иднината каде лидерството не се дефинира според родот, туку според компетентноста, карактерот и визијата“, истакна Ѓеоргиевска.
Антје Ванделт, Директорка на АХК во Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство им порача на жените да се поддржуваат меѓусебно и да побараат помош кога им е потребна за да можат да ги реализираат своите цели и амбиции. Она што е најважно е да не се откажуваат од исполнување на своите соништа. Раскажувајќи ја својата лична приказна за менаџирањето на обврските со градењето кариера, родителството и грижата за домот, таа ја истакна улогата на градење мрежи на поддршка.
– „Така ќе можат да разменат лични искуства, да ги споделат предизвиците со кои се соочуваат жените на менаџерските позиции, да учат едни од други и да си бидат поддршка“, рече Ванделт.
Претседателот на УО на „Тиквеш“, г-дин Светозар Јаневски прати порака до компаниите и општеството дека родовата нееднаквост има сериозни импликации за државата, како економски, така и демографски, невклучувањето на жените на пазарот на трудот претставува загуба за општеството затоа што нивниот потенцијал не е искористен.
- „Жените се похрабри од мажите и се скелетот на семејството, неопходно е да имаме разбирање за разликите на двата рода и иднината да ја градиме врз база на нивните различни силни страни“, истакна Јаневски.
Во првиот Панел, општествената перспектива ја раскажаа Славица Грковска, Заменичка на Претседателот на Владата задолженa за политики за добро
владеење, Дита Старова која е Директорка на Националната Галерија, Ерин Конкoрс од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија и Тања Михајловска Георгиева, Амбасадорка на здружението Women on Board Adria. Главните заклучоци од овој панел беа дека на локално ниво се пресликуваат податоците кои постојат за родова нееднаквост на интернационално ниво, а за нејзино надминување неопходно е покрај овозможување на услови за поголеми можности за жените, потребно и самоиницијативност и резилиентост од страна на жените, како и партнерство со мажите, бидејќи целта за благосостојба е заедничка.
Панелот за Женската перспектива беше во состав на пет извонредни говорнички, Главната извршна директорка на Винарска Визба „Тиквеш“ Бранка Славеска, Главна
извршна директорка „Семос Едукација“, Валентина Тасева, . Билјана Ивановска, досегашната Претседателка на антикорупциската комисија, Маја Штериева, член на УО на Комерцијална Банка АД Скопје и Влора Адеми , Главна извршна
директорка на “Дигикјуб”.
Нивните мотивациски пораки беа дека храброста била „тајната состојка“ на нивниот успех, покрај знаењето и искуството, за да пресуди квалитетот, а не родот.
Исто така, континуираната инвестиција во знаење е еден од најефективните начини жените да се искачат на скалилото на позиции каде се носат одлуки.
Посебен интерес предизвика панелот кој ја претстави машката перспектива.
Говорниците Иван Штериев, директор на Македонска Берза, Трајан Ангеловски, Претседател на Сојузот на Стопански Комори на Северна Македонија, Арлинд Зекири, Партнер во ЛГП Скопје, и Ѓорѓе Војновиќ, Главен извршен директор на Триглав Осигурување, ја потврдија релевантноста и сериозноста на проблемот на родова нееднавкост.
„Фактот дека статистиката покажува дека само 17% од членовите на Управните одбори на котираните компании се жени, јасно зборува дека ова е тема на која треба да се работи“, истакна Штериев.
Секоја компанија, особено мажите во компаниите, мора час поскоро да сфатат дека само со вклучување на жените на „масата каде се носат одлуки“ може да се искористи поголемо богатство на човечки ресурси кон заеднички цели и успех, беа дел од ставовите на говорниците.
За таа цел, панелистите се согласија дека соодветно распределување на домашните обврски и надминување на стереотипите дека домот и децата се „женска обврска“ ќе помогнат во еднаквите можности во однос на ресурси за поголема вклученост на жените во економијата.
Еден од панелите каде се испратија најсилни пораки за иднината беше оној каде својата перспектива ја споделија младите.
На овој панел, Филип Ивковски, Претседател на Националниот Младински Совет, Сања Лазаревска, сопственичка на компанијата Април 22 и ко-основач наакселераторот “Aspire” и Димитар Каљошевски, Проектен менаџер на германската организација“Career Transition Support”, ги споделија гледањата на младите на оваа важна тема.
– Поразителни се сознанијата од истражувањата за поделбата на младите.
Наместо да има напредок, јазот се зголемува. Затоа мора во образовниот систем да постојат дополнителни програми, работилници и уште од најмала возраст децата да се воспитуваат да бидат рамноправни, беа дел од предлозите за решенија.
Настанот беше повод М6 да најави нови тренинг програми и работилници на оваа тема за 2024 та, а кои имаат за цел развој на ESG филозофија на работење во секоја организација, и која секоја компанија треба да ја имплементира.
Програмата „М6 чекор напред“, постои од пред две години и е насочени кон актуелните теми од економскиот и општествениот развој на земјава и регионот. Темите секогаш се обработуваат на начин на кој ќе се дојде до квалитетни решенија, а предавачи и обучувачи се еминентни експерти од земјата, регионот и од странство.
Целта е да се адресираат предизвиците кои се клучни за развојот и напредокот на општеството и да се дојде до што поквалитетни решенија за нивно надминување.