Развој на нови технологии, подобри услуги за корисниците и поголема енергетска ефикасност
Македонски Телеком е првиот оператор во Македонија којшто ќе ја деактивира старата 3G технологија како дел од стратегијата за креирање супериорна мрежа, најдобро корисничко искуство и дигитална трансформација. Одлуката е во согласност со светските трендови во индустријата, а целта на овој чекор е целосен фокус на развојот и ширењето на новите технологии. Во исто време, овој чекор е и одличен показател за степенот на развиеност, доверливост и супериорност на 4G и 5G мрежата на Македонски Телеком.
3G за прв пат кај нас беше воведена во 2009 година и го отвори патот кон интернет ерата. Иако некогаш револуционерна, оваа технологија е одамна надмината. Со нејзиното гасење ќе се ослободат фреквенции, ресурси и инвестиции коишто ќе бидат целосно насочени кон развој на 4G и 5G технологиите.
„Гасењето на 3G не е само замена на застарената технологија, туку и ветување за супериорно корисничко искуство. 3G заминува во историјата, а ние целосно ќе го искористиме потенцијалот на новите далеку понапредни технологии како што се 4G и 5G за подобра поврзаност, поголеми брзини и поквалитетна услуга за корисниците.“ – изјави Маја Милосавлевска Наумовска, Главен директор за техника и ИТ во Македонски Телеком.
Активностите ќе се одвиваат постепено, по региони, за да се обезбеди транзиција без прекини во комуникациските услуги. До крајот на април 2024 година, 3G ќе биде целосно надвор од употреба на целата територија.
Замената на старите технологии освен технолошки носи и еколошки поволности. Во споредба со 3G, 4G е за 5 пати, а 5G дури за 15 пати, енергетски поефикасна. Ова значи намалување на емисијата на јаглерод диоксид, што е дел од ESG агендата на Македонски Телеком.
Повеќе информации на: www.telekom.mk