Научниот труд на Бојан Москов нуди нови насоки за справување со инфлацијата во Европската Унија
Македонскиот истражувач и финансиски експерт Бојан Москов се вклучува во креирањето на новите научни насоки за европската монетарна и фискална политика, преку истражување кое отвора значајни прашања за начинот на кој Европската Унија треба да се справува со инфлацијата и идните економски кризи.
Неговиот научен труд „Monetary and fiscal policy coordination as a risk governance mechanism for inflation control in the European Union“ е објавен во меѓународното научно списание Risk Governance and Control: Financial Markets & Institutions.
Истражувањето ја анализира ефикасноста на монетарните и фискалните инструменти за управување со инфлацијата во сите 27 земји членки на Европската Унија, во периодот од 2010 до 2022 година. Станува збор за период во кој европската економија се соочи со последиците од должничката криза, долгогодишната политика на ниски каматни стапки, пандемијата и силните постпандемиски инфлаторни притисоци.
Со трудот, Москов не само што се вклучува во една од најважните економски дебати во Европа, туку нуди и конкретни научно засновани насоки за подобро координирање на одлуките на централните банки и фискалните политики што ги спроведуваат владите.
Една од главните вредности на истражувањето е тоа што монетарните и фискалните инструменти не се анализираат изолирано, туку се споредуваат во единствен аналитички модел кој ги опфаќа сите земји членки на Европската Унија.
“За потребите на трудот е применета панел-регресивна анализа со фиксни ефекти, поддржана со тестови за стационарност, корелација, меѓусекторска зависност и избор на соодветен економетриски модел. Резултатите покажуваат дека одредени фискални и финансиски фактори имаат статистички значајно влијание врз движењето на инфлацијата. Како особено значајни се издвојуваат данокот на добивка и разликата меѓу активните и пасивните каматни стапки.” – потенцира Москов.
Најзначајниот заклучок од истражувањето е дека во анализираниот период фискалните инструменти покажале посилна статистичка значајност од монетарните инструменти.
Овој резултат го предизвикува традиционалното гледиште според кое главната одговорност за контролирање на инфлацијата ја имаат централните банки, преку управување со каматните стапки и количеството пари во економијата.
Истражувањето на Москов покажува дека даночните политики, јавната потрошувачка и другите фискални мерки можат да имаат уште подиректна улога во обликувањето на инфлаторните движења.
Една од главните препораки во трудот е европските земји да не се потпираат исклучиво на зголемување на каматните стапки кога се соочуваат со раст на цените.
Кога инфлацијата е предизвикана од зголемена побарувачка, даночни промени или нарушувања во синџирите на снабдување, монетарното затегнување треба да биде придружено со навремени и прецизно насочени фискални мерки.
Тоа значи дека владите и централните банки мора подобро да ги координираат своите политики, наместо да дејствуваат како одделни институционални центри.
Подобрата координација може да овозможи поефикасно намалување на инфлацијата, без истовремено да предизвика прекумерно поскапување на кредитите, пад на инвестициите, забавување на економскиот раст и дополнителен финансиски притисок врз граѓаните и компаниите.
„Каматните стапки не можат сами да го понесат целиот товар во борбата против инфлацијата. Кога причините се поврзани со побарувачката, даночните промени или нарушувањата на страната на понудата, потребна е навремена и координирана реакција на монетарната и фискалната политика. Истражувањето има цел да понуди емпириски засновани насоки за поефикасни и поодржливи економски одлуки во Европската Унија“, истакнува Москов.
Важноста на истражувањето е дополнително потврдена со неговото објавување во Risk Governance and Control: Financial Markets & Institutions, меѓународно научно списание насочено кон оригинални и практично применливи истражувања од областа на финансиските пазари, институциите и управувањето со ризици.
Списанието се објавува квартално, има отворен пристап до објавените трудови и е индексирано во Scopus, една од најголемите и најрелевантни светски бази на рецензирана научна литература.
Објавувањето во вакво списание значи дека заклучоците од трудот стануваат достапни за широка меѓународна публика составена од економисти, истражувачи, професори, финансиски професионалци и носители на јавни политики.
Со овој научен придонес, Бојан Москов ја позиционира Македонија на мапата на современата европска економска мисла и се профилира како македонски експерт чии анализи и препораки придонесуваат кон трасирањето на идните европски монетарни и фискални политики.