Корупцијата е огромен блокатор на развојот на државата, циркуларната економија го дзижи светот, а почитувањето на стандардите е рецептот за успех

biznis_klub
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во новата епизода на подкастот „Бизнис-клуб“ претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, разговара со трите жени менаџерки кои оставаат белези во коморското работење како решителни, упорни, одлучни и радикални во своите ставови за подобро утре во бизнисот.

М-р Ангелка Пеева-Лауренчиќ истакнува дека сè е бизнис и дека преку својата работа ја прикажува и другата страна на бизнисот, а тоа го приближува и до другата целна публика, која не е само потрошувачи и купувачи.


„Да отвориме простор бизнисот на еден хуман и убав начин да се претстави во јавноста, дали тоа ќе биде преку маркетингот за општата публика, преку односите со јавноста или преку теренските промоции. Постои еден склоп на активности во работата во функција на прикажување на бизнисот спрема различната целна публика и спрема целата јавност, а и самото тоа е бизнис“, потенцираше м-р Лауренчиќ.

Според м-р Лауренчиќ, ако се сака да се започне со бизнис, треба да се бара потребата за тоа, а не да се размислува за производот затоа што секогаш има нешто што некому му треба и го нема на пазарот.

Во фокусот на работењето на д-р Дуковска-Павловска, директор на „Макстил“ АД Скопје и претседател на Центарот за циркуларна економија во рамките на Комората, е минимизирање на отпадот или нула отпад при работењето, што е поврзано со циркуларната економија, која е релативно нов бизнис-модел и која се темели врз три принципи: елиминирање на отпадот и намалување на загадувањето, одржување на производите и на материјалите што е можно подолго во употреба и зачувување на природните ресурси. Д-р Марија Дуковска-Павловска постоењето на овој центар го гледа како партнер на државата во усогласувањето на законската регулатива со ЕУ-регулативите и со заложбите на ОН.

„Во Центарот за циркуларна економија се сите клучни чинители кои имаат директно влијание од законите што се носат и што се во контекст на циркуларната економија. Тоа е широк поим, кој ги опфаќа и зелената агенда и зелените вештини и пресметката на сибам и декарбонизацијата“, истакна д-р Павловска.

Во разговорот со претседателот Азески на темата за корупцијата на регионално и на национално ниво, за која никој не сака да зборува, д-р Блажевска потенцираше дека корупцијата е огромен блокатор за развојот на една држава и дека мора да се преземат радикални мерки за справување со неа.

„Гледано во глобални рамки, а особено во Македонија, корупцијата е огромен блокатор за развојот на државата и во голема мера, во изминативе 30-ина години откако е Македонија независна, таа е еден од најзначајните фактори што имаме толку низок раст на БДП. Денес се потребни поодлучни чекори од сите изминати влади и можеби е време да се донесе Законот за потекло на имотот, да се стимулира картичното работење, да се намали готовинското плаќање во државата, но и да се направи промена на Законот за финансирање на политичките партии. Тоа се конкретни мерки“, истакна д-р Блажевска.

Според неа, Владата треба да биде помала и покомпактна, услугите да бидат дигитализирани и јавно да се изнесуваат барањата и одлуките за решавање на барањата.

Во новиот подкаст фокусот се става и врз односот политика–бизнис, а д-р Лауренчиќ, која имала можност да ги запознае двете страни, зборува за разликата меѓу политичар и бизнисмен.

„Кога сте на страната на политиката, имате чувство дека многу работи се вртат околу вас и дека се наоѓате во прилично комотна позиција; дебатирате за прашањата, не сте притиснати со рокови, можете да си ја дадете слободата да пропуштите некој ден и да не направите ништо. Од друга страна, пак, влогот што го давате треба да биде, условно кажано, послушност спрема лидерот каде што припаѓате и таа цена ја плаќате уште кога ќе влезете во политиката. Нашиот плурализам не дозволи издвоени мислења и лобирање за различни мислења и во Парламентот и во различните политички партии, што резултираше со вртоглав пад на квалитетот на кадровските состави, особено видливо во Парламентот од почетокот до денес“, потенцираше д-р Лауренчиќ.

Во продолжение истакнува: „Од друга страна, бизнисот е подинамичен, многу поодговорен и бара голема дисциплина. Особено кога сте лидер во бизнисот, носите одговорност не само за себе и за своето семејство, туку и за луѓето што ги вработувате и за нивните семејства. Нема пропуштен ден и пропуштен рок ако сакате да опстанете на пазарот. Ако сакате да бидете први на пазарот, мора да дадете и повеќе од тоа што се бара.“

Според неа, здраво е за секој што сака да се занимава со политика прво да работи во бизнисот, да научи како се создава нова вредност и како се создаваат услови за преживување на особено тежок пазар каков што е нашиот македонски пазар, затоа што е специфичен по многу основи, па дури тогаш да оди во политиката и да сфати колку голема штета му се прави на бизнисот и кој ја создава новата вредност од која живеат и пензионерите и здравствениот систем и образованието и инфраструктурните проекти.

Во разговорот со претседателот Азески на темата за разликата меѓу странските и нашите компании, д-р Анита Блажевска, која е на раководна позиција на меѓународна компанија, истакнува:

„На прво место, тргнувајќи од мојата компанија, се грижата и односот што ги негува компанијата спрема вработените и спрема нивниот развој, но и почитувањето на стандардите при работењето во поглед на квалитетот на производите. Но и македонските компании кои ги исполнуваат и ги почитуваат стандардите за квалитет се познати надвор од Македонија.“

„’Макстил’ е дел од голема меѓународна групација, но, сепак, е со повеќе македонски вредности, а основната разлика е во неискажувањето на мислењето. Таму каде што владее повеќе меѓународната култура вработените се послободни да зборуваат, да ги кажат и да ги пријават сите неправилности. Во интернационалните компании има постојани пријавувања на неправилности. Во компанија каде што има повеќе македонска култура нема толку пријави на неправилности затоа што вработените не веруваат во дискрецијата на ваквите системи. Менталитетот и културата се основната разлика меѓу домашните и странските компании“, потенцираше директорката на „Макстил“ Павловска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK