Каква е родовата застапеност во ИКТ-секторот? Истражување на Бреинстер

rodovi-politika
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Каква е позицијата на жените и девојките на раководните позиции во ИКТ-компаниите, кои се потребите на вработените и работодавачите, и каква е состојбата со примена на политики за родова еднавост во ИКТ-компаниите? Ова се само дел од  прашањата на кои одговор дава извештајот „Политики за еднаква застапеност на жените на лидерски позиции во компаниите за ИКТ и поддршка на различностите“, подготвен во рамки на проектот „Поттикнување на менаџмент и лидерство – Жени-лидери”, кој го спроведува Бреинстер во соработка со швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), со цел поддршка на ИКТ-секторот.







 

Недостиг од квалификуван кадар, мал број на жени на лидерски позиции

Истражувањето беше презентирано во просториите на Ed-Tech организацијата Бреинстер, а покрај претставниците од Амбасадата на Швајцарија, ИМЕ и Бреинстер, на настанот присуствуваа и претставници од ИКТ-компании од земјава.

„Иако, ИКТ-секторот е една од најбрзорастечките индустрии која игра клучна улога во поттикнувањето на економскиот раст и иновациите, сепак брзината со која расте, не е проследена со еднакво брз пораст на квалификувана работна сила. Жените, пак остануваат значително недоволно застапени во секторот и претставуваат мал процент од вкупната работна сила, што е особено видливо на лидерските позиции. Ова се само дел од заклучоците што се содржани во ова истражување преку кое се обидовме да ги идентификуваме празнините, предизвиците и можностите за креирање на родово сензитивни политики во ИКТ-секторот кај нас“, рече Маја Лазаревска, проект менаџер на проектот и грант-специјалист во Бреинстер.

Таа се надева дека препораките од овој извештај и преземените мерки ќе им помогнат на ИКТ-компаниите да привлечат талентирани жени и девојки како свои вработени, да го подобрат процесот на нивно задржување во компаниите и да ја зајакнат нивната конкурентност, со што ќе доведе до подобри деловни резултати, но и позитивно општествено влијание.

Лазаревска на настанот објасни дека покрај тоа што истражувањето имало за цел да направи увид во силните и слабите страни на овие политики, една од целите била и да укаже на можностите за унапредување на политиките во областа, како и потенцијалните предизвици со кои компаниите би се соочиле, преку конкретни препораки со мерки и начини на нивно спроведување во пракса. Преку проценка на позицијата на жената на лидерски позиции во 49 комапнии од ИКТ-секторот, наодите од овој извештај ќе служат како почетна точка за следни активности, вклучително и развој на новата образовна програма – Академија за лидерство и менаџмент на Бреинстер.

„Дополнително, истражувањето ќе се обиде да ги запознае компаниите и со потребата и придобивките од спроведување на родово сензитивни политики, но и ефектите кои одредени политики ги имаат врз вработените, особено жените. Ние утврдивме дека јазот помеѓу побарувачката и понудата на квалификуван кадар во ИКТ-секторот е проследен и со значително низок број на жени и девојки во оваа област, што всушност укажува на постоење на родов јаз во образованието“, рече Лазаревска.

Потреба за родовосензитивни политики во компаниите

Истражувањето покажало дека генерално, ИКТ-секторот сè уште се перцепира како област во која доминираат мажи, а родовите стереотипи играат значајна улога во одржување на оваа слика. Жените кои влегуваат во секторот може да се соочат со бариери како што се несвесна родова пристрасност, дискриминација или недостаток на пристап до можности за менторство и вмрежување, што може значајно да го ограничи нивниот напредок и да влијае на нивното задржување на одредено работно место, но и во секторот генерално.

Во најголем дел од анкетираните компании или 85.7% постои формална систематизација на работни позиции, како и формални политики за вработување ( кај 87.8%) , но само кај 14.3% се применуваат одредени родово-сензитивни политики или мерки на работното место, односно политики кои водат сметка за рамномерна застапеност и напредување и прилагоденост на работата според специфичните потреби на жените и мажите.

Во рамки на истражувањето биле спроведени и интервјуа со претставнички од-ИКТ секторот. Според одговорите на интервјуираните, речиси во ниту една од компаниите во кои работат или работеле, воопшто не се разговара на темата односно за дискрепанцата во однос на родовата застапеност или пак родово сензитивните политики. Бојана Јовановска, експерт за родови политики, која го направи истражувањето објасни дека најголем дел од интервјуираните изјавиле дека темата несвесно се одбегнува, односно дека ја нема свесноста дека треба да се посвети внимание на проблемот заради тоа што нема импликации врз нивната работа.

„И покрај тоа што најголем дел изјавија дека нема родова поделба кога станува збор за вештините, сепак „меките“ вештини најчесто ги поистоветуваат со жените, додека техничките со мажите. Според интервјуираните, жените се повеќе застапени во ИКТ- секторот во професии поврзани со администрација, човечки ресурси и маркетинг, односно професии кои препоставуваат повеќе комуникација, емоционална интелигенција, соработка, додека технологијата сè уште се поврзува со мажите“, вели Јовановска.

Развој на едукативна програма која ќе таргетира жени

На презентацијата на ова истражување се обрати и Анета Дамјанoвска, национална координаторка при Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија, која рече дека ИКТ-секторот продолжува да биде единствениот најбрзорастечки сектор во земјата, каде бројот на ИКТ-компании е во постојан раст и се проценува на околу 2.200, со околу 21.000 вработени лица, со просечна плата од околу 1.000 евра.

Таа го истакна задоволството од соработката со Бреинстер, како компанија која секогаш ги следи трендовите и потребите на пазарот. Рече дека заедничкиот проект кој е поддржан преку швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), има за цел да ги зајакне вештините на жените за менаџирање и водење тимови во ИКТ-секторот, а со тоа да придонесе кон унапредување на конкурентноста на компаниите од овој сектор.

Еден од продуктите на овој проект е и Академијата за лидерство и менаџмент за која Бреинстер обезбедува и стипендии за жени, што претставува дополнителна стимулација.

„Спроведеното истражување чии наоди се презентирани денеска, ќе придонесат кон креирање и имплементација на наменска едукативна програма која ќе таргетира жени кои се на почетокот на нивната кариера и кои сакаат да напредуваат до менаџерски позиции. Преку ваквите активности сакаме да ја поттикнеме свеста и важноста од рамноправна застапеност на жените и мажите во сите степени на управување во една компанија. Ваквиот развој од една страна ќе доведе до унапредување на вештините и знаење кај учесниците на академијата, а од друга страна ќе креира можности за унапредување и нови вработувања во ИКТ-компаниите. Се надеваме дека како самоодржлив производ, таа во иднина ќе биде достапна не само локално, туку и пошироко“, истакна Дамјановска на презентацијата.

Како Бреинстер поддржува позитивни промени?

Стефан Смиљаноски, извршниот директор на Бреинстер Албанија на презентацијата на извештајот, говореше за тоа како инклузивноста и еднаквите можности во Бреинстер не се само план, туку и цел која континуирано се спроведува.

„Го создадовме Бреинстер (Brainster) во 2015 година за да се справиме со тешки и можеби „невозбудливи“ проблеми како што се предизвиците во образованието и вработливоста на младите луѓе. Денес, ние сме тим од околу 70 вработени со полно работно време и дополнително над 100 соработници, обединети од интелектуалната љубопитност и страста за создавање навистина одлични едукативни производи“, рече тој.

Смиљаноски изјави дека живееме во период на економија на таленти, кој е колаборативен, транспарентен, овозможен од технологија и брз начин на водење бизнис каде знаењето е примарен ресурс за целокупната економија.

„Пристапот до таленти е клучен во оваа нова економија и Бреинстер е тука да го даде својот дел за ова да се оствари. Ние го подобруваме учењето, за луѓето да можат да го подобрат светот. Во услови на општествени разлики и нееднаквости, особено во ИКТ- секторот, ние мора да се стремиме да не бидеме пасивни набљудувачи. Имаме вештини, ресурси и платформи да иницираме и поттикнеме промени. Без разлика дали се работи за промовирање родова еднаквост, поттикнување инклузивност или пак застапување за правични политики, наша одговорност е да ги користиме нашите позиции не само за личен напредок, туку и за добробит на оние на кои што им недостасуваат еднакви можности“, изјави тој.

Академијата за лидерство и менаџмент на Бреинстер е креирана врз основа на потребите на секторот, како и наодите од истражувањето.

„Бидејќи веруваме во различноста и го поддржуваме растот на ИКТ-заедницата, го промовиравме овој нов производ со мерки за вработување и стипендии за жените и општо младите во технолошката индустрија. Целта е да се придонесе за зголемување на различноста и можностите за еднаквост во ИКТ-индустријата и во корпоративниот сектор воопшто. Овие мерки се предвидени за да им помогнат на организациите да го стимулираат сопствениот персонал во насока на развивање на лидерски и менаџерски вештини, без истовремено да се соочат со значителни финансиски тешкотии кои се сè поприсутни и на локално и на глобално ниво во последните неколку години“, изјави Смиљаноски.

Препораки за компаниите

Целосното истражување кое беше презентирано денеска, наскоро ќе биде достапно за сите, а идејата е дополнително да послужи како алатка за подобрување на политиките во областа на унапредување на позицијата на жените во ИКТ-индустријата.

Како дел од препораките во извештајот за тоа што можат да направат ИКТ-компаниите се наведува дека треба да се подигне свеста генерално во ИКТ-секторот за потребата од подобрување на состојбата со родовата застапеност, преку отворање на поширока дискусија за оваа проблематика, со цел да се надмине отпорот на компаниите кон ова прашање. Потоа, компаниите треба најпрвин да ја препознаат несвесната родова пристрасност на работното место, што може да ги спречи жените да бидат земени предвид за лидерски позиции, како и креирање на мерки за одржување на рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот, а кои одговараат на специфичните потреби на жените.

Со цел да се охрабрат и поддржат интереси на жените и девојките за образование во ИКТ, но истовремено и да обезбедат квалификувани кадри, компаниите би можеле да развијат програми за стипендирање на жени во образование поврзано со ИКТ, вклучително и неформално образование и меки вештини.

Студијата „Политики за еднаква застапеност на жените на лидерски позиции во компаниите за ИКТ и поддршка на различностите“е подготвена во рамки на проектот „Поттикнување на менаџмент и лидерство – Жени-лидери”, поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка. Студијата не ги изразува ставовите на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), ниту пак на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK