Народната банка, како оператор и сопственик на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), изврши прва самопроценка за усогласеноста на неговата работа со барањата од меѓународните принципи.
Во извештајот од самопроценката е утврдена усогласеност на системот со барањата од принципите, кои во домашната регулатива се преточени во Одлуката за критериумите за класификација на платните системи, стандардите за нивното работење и барањата за гарантен механизам. Усогласеноста на МИПС со регулаторните барања согласно меѓународните стандарди за работа на платните системи, обезбедува услови за негово сигурно функционирање и соодветно управување со ризиците коишто произлегуваат од работата, што е од клучно значење за непречено извршување на плаќањата, а со тоа и за целокупната економска активност и стабилност на финансискиот систем во земјата. За целите на управување со овие ризици, Народната банка има донесено правна рамка, која се состои од одлуки, правила и упатства за учесниците и има воспоставено интерни процедури и алатки, коишто се подетално објаснети во извештајот, се наведува во соопштението на Народна банка.
МИПС е систем за извршување на плаќањата со големи вредности и итните плаќања во денари, во реално време на бруто-основа . МИПС започна со работа во јули 2001 година. МИПС има 20 учесници и во него се водат и се одржуваат сметките преку кои учесниците ги порамнуваат платежните пораки за плаќањата во денари, во реално време и со паричните средства кои се наоѓаат кај централната банка.
МИПС е системски значаен платен систем чиешто функционирање е неопходно за работата и стабилноста на финансиските институции и пазарите, како и за економскиот развој. Оттука, особено внимание се му посветува на управувањето со ризиците во неговото работење, како што се: системскиот, правниот, кредитниот, ликвидносниот, оперативниот и деловниот ризик. Улогата во македонскиот платен систем на МИПС е клучна бидејќи овозможува ефикасен тек на парите во економијата. Основната предност на неговата употреба, за учесниците и нивните клиенти е брзината и сигурноста на извршувањето на плаќањата. Имено, налозите за пренос на парични средства се прифаќаат непрекинато во рамките на работното време на МИПС, при што поминуваат само неколку минути помеѓу испраќањето на налогот од страна на учесникот и приемот на паричните средства од друг учесник во МИПС за кој се наменети, така што плаќањата се вршат во текот на работниот ден, се додава во соопштението на Народна банка.
Извештајот е достапен на веб-страницата на Народната банка.