Интервју со Мирче Андреевски, инженер по металургија

_55A0248
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Практичното искуство во металургијата е од суштинско значење за професионалниот развој и напредок во кариерата

Соочувајќи се со предизвиците на современото индустриско опкружување, соработката меѓу високото образование и индустријата станува клучен фактор за успешен развој на кариерите на младите инженери. Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје има долга традиција на партнерства со водечки компании во Македонија, а едно од најзначајните е соработката со Макстил АД Скопје – компанија која е лидер во металуршката индустрија во регионот. Оваа соработка носи бенефити за двете страни: студентите добиваат реални можности за учење и вработување, додека Макстил добива пристап до кадри кои се веќе подготвени за работа во индустријата.


Прва работа после дипломирањето ви е во Макстил и првото запознавање со тоа што го учевте. Како се вклучивте во производните процеси во Макстил и во реалната работна средина? Дали имаше предизвици?

По дипломирањето, првото запознавање со практичната работа го започнав во Макстил како оператор на пескара, фарбара и сушара. Тоа беше одлична можност да ги применам теоретските знаења стекнати за време на студиите. Вклучувањето во производните процеси беше активно, а работењето со постарите колеги ми овозможи да разберам како функционираат различни аспекти на производството и како моето образование може да придонесе за оптимизација на процесите.

Секако имаше предизвици, особено при адаптацијата на динамичната работна средина. Понекогаш беше тешко да се справам со новите технологии и методи, но со поддршка на моите колеги, успеав се да надминам. Ова искуство ми помогна да развијам самодоверба и способност да работам под притисок, што подоцна ми беше од голема корист во мојата кариера.

Што е потребно за да се создаде кариера во преработувачката металургија?

Потребни се неколку клучни елементи, како што се соодветно образование и обуки во металургијата или сродно поле како основен предуслов. Исто така, од особена важност се понатамошно учење и специјализации во одредени области, како што се контролата на квалитет или нови технологии, кои можат да бидат многу корисни. Практичното искуство е многу важно за да се изгради кадарот во искусен професионалец, почнувајќи од основни позиции кон постепено напредување. Праксата во реалната работна средина е клучна за развој на вештини и разбирање на процесите. За мене од исклучителна важност е комуникацијата и тимската работа, способноста за работа во тим, како и ефективната комуникација со колегите и одговорните лица, која е од суштинско значење за успешна соработка и решавање на проблем. Металуршката индустрија постојано се развива. Отвореноста за учење нови технологии и адаптирање на промените е важна за професионален напредок. Стекнување на контакти во индустријата преку семинари, конференции и професионални асоцијации може да отвори нови можности и да помогне во развојот на кариерата.

Како дипломец на ТМФ и денес вработен во Макстил, колку мислите дека праксата е потребна во усовршување на знаењата од металургијата и за понатамошен напредок во професијата?

Верувам дека практичното искуство е клучно за усовршување на знаењата од металургијата. Теоретските основи што ги стекнавме на факултет се само почеток, вистинското разбирање на процесите и технологиите се развива преку практична работа. Праксата ми овозможи да ги применам теоретските концепти во реални ситуации, што е незаменливо за разбирање на самиот производствен процес. На пример, во мојата работа во контрола на квалитет, се сретнав со различни предизвици кои бараа брзи решенија. Овие искуства не само што ми помогнаа да ги подобрам своите вештини, туку и да ја подобрам својата способност за решавање на проблем при работа. Затоа, сметам дека практичното искуство е од суштинско значење за професионалниот развој и напредок во кариерата, бидејќи ни помага да се прилагодиме на новите технологии и методи во индустријата.

Во текот на овие 17 години, сте поминале и сте работеле на неколку позиции во Макстил, дали и колку тоа помогна во градењето на вашиот професионален профил?

Работата на различни позиции во Макстил значително ми помогна во градењето на мојот професионален профил. Почнувајќи како оператор, потоа преминувајќи во контрола на квалитет и на крајот како Одговорен за ладен дел, стекнав широк спектар на знаења и вештини. Секое искуство ми овозможи да разберам различни аспекти на производствениот процес и важноста на квалитетот во секоја фаза. Овие транзиции не само што ми помогнаа да развијам технички вештини, туку и способности за управување и лидерство. Научив како да комуницирам со различни тимови и како да се прилагодам на променливите услови во индустријата. Сметам дека на овој начин успеав да изградам силна основа за мојата кариера и да станам пофлексибилен и вреден член на тимот. Секој нов предизвик беше можност за учење и развој, што ми ја зголеми самодовербата и професионалните способности.

Вашиот професионален профил започна од Технолошко металуршкиот факултет, како се одлучивте да го студирате токму тоа и што најмногу ве привлече кон изучување на металургијата?

Одлуката да студирам на Технолошко-металуршкиот факултет произлезе од мојата желба кон технологијата и желбата да ги разберам сложените процеси на преработка на материјали. Металургијата ме привлече поради својата важност во индустријата и влијанието што го има на развојот на современата технологија. Учењето за својствата на различни метали и легури, како и за процесите на обработка и контрола на квалитет, ми делуваше како предизвик, но и како можност за креативно размислување и решавање на проблемите. Сметав дека ова поле нуди одлични можности за професионален развој и иновации. Токму таа комбинација на теоретски знаења и практична примена ми овозможи да се чувствувам сигурно во мојот избор. Со текот на времето, мојата страст за металургијата само се зголеми, и верувам дека моето образование е силна основа за мојата кариера во металуршката индустрија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK