Повеќе од 20 години трае спорот помеѓу ФокусНет ДОО, Штип и Македонски Телеком за оштета настаната поради злоупотреба на монополската позиција од страна на Телеком, искористена за истиснување на ФокусНет ДОО од пазарот на интернет провајдери.
Телеком излегуваше со соопштенија во кои грубо сме напаѓани, но притоа не кажувајќи дека основа за тужбата за оштета е докажана вина на Телеком, потврдена со правосилна пресуда на Вишиот Управен Суд, а висината на оштетата е определена со вештачење од вешти лица кои во постапката се определени од судот, а кое вештачење определува износ за оштета од 241 милиони денари!
Се друго е манипулативно извртување на вистината!
Ако е потврден основот за тужбата и има вештачење направено од судот, останува нејасно како воопшто некоја судска инстанца во Македонија може да помисли дека ФокусНет не треба да добие обештетување?
Како тоа предметот да се одржал во судовите толку време ако ФокусНет не бил во право? Како сите судски инстанци да пресудувале во корист на ФокусНет ако не сме биле во право?
Единствена пресуда во корист на Телеком е пресудата на Основниот Суд, која сама по себе е невиден преседан – Основен Суд да поништува пресуда на Виш Управен Суд и да негира сопствено вешачење после 5 години судење!
И згора на тоа, дополнително се врши притисок врз Судскиот Совет и Обвинителство да донесуваат одлуки во нивна корист.
Како одговор на нападите од Телеком, заради подобро информирање на граѓаните, ви го доставуваме Соопштението на јавност со надеж дека ќе биде објавено во Вашиот медиум.
Со почит
ФОКУСНЕТ ДОО, ШТИП
Д-р Зоран Алексов, дипл. инг.