Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) распиша огласи за вработување на над 500 лица.
Во огласот се наведува дека имаат потреба од хаус-мајстори и возачи, до инженери и електричари, а платите се движат од 30.000 до 60.000 денари.
ЕСМ објаснува дека за три години бројот на вработени се намалил за 1.190, од кои над 76 отсто биле со работни места во производствениот процес, а над 23 отсто административни работни места. Најголем процент од оние кои заминале, бил по основ одење во пензија, но и поради други причини вклучувајќи го и заминуавњето во приватниот сектор.
„АД ЕСМ има најголема потреба од вработени во производствениот процес и останат помошен персонал, токму затоа над 87% од огласите за врабтување се однесуваат токму на ваков кадар, само 12% се однесуваат за работни места во административниот дел, но во функција на производствениот процес“, велат од ЕСМ.
Премиерот Димитар Ковачевски денес одговарајќи на новинарски прашања рече дека не гледа ништо спорно во огласот, и дека не станува збор за предизборни вработувања, иако е распишан еден месец пред формирањето на техничката влада.
„Јас не би кажал дека се предизборни вработувања. Денес е декември, а на 8 мај се изборите. За тоа која компанија како работи, се прашува менаџментот на компанијата. Прашањата ќе мора да ги упатите до менаџментот“, кажа Ковачевски.