Дополнителни три денари по килограм предадена пченица, поддршка и за јачменот и оризот

pchenica
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дополнителна поддршка од три денари по килограм предадена пченица кај домашните откупувачи, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Целта на мерката за дополнителна поддршка предадена пченица, посочи денеска Николовски, е да се наполнат домашните капацитети за домашно производство на храна што треба да се зголеми.


-МЗШВ е подготвено и ќе излезе пред Владата со нов пакет мерки кои го опфаќаат производство на жито, односно јачменот и пченицата. Тоа беше и наша основна цел кога се правеше националниот план за производство на храна. Преку Интервентниот фонд годинава приоритет ќе дадеме за поддршка на пченицата и предлагаме дополнителни три денари за предаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи во државава, рече Николовски на прес-конференција.

За производителите на пченица, дополни тој, покрај основните плаќања што се веќе реализирани, покрај зелената нафта за која исто така е склучен договорот на Платежната агенција со избраниот оператор и ќе добијат зелени картички во текот на летото, во овој период ќе се утврди и оваа поддршка и средствата ќе бидат исплатени брзо и навреме годинава.

По предлогот што е доставен до потсекторската група за состојбата со производството и откупот на јачмен прифатена е и мерката за дополнителни 12.000 денари по хектар за сите производители на пченица, без, како што посочи Николовски, намалување на оваа мерка доколку има поголеми површини и без ограничувања на површините што претходно беа од пет до 50 хектари.

Со цел да им се излезе во пресрет на производителите на житни култури, Николовски рече дека навремено се прават измени и во Програмата за директни плаќања кај уште една мерка преку којашто производителите на пченица и на јачмен ќе добиваат дополнителна поддршка за складирање на пченицата и јачменот од домашното производство од родот за 2023 година. Кај оваа мерка, рече министерот, се зголемува рокот за предавање од складишни капацитети на производството од пченица и јачмен кои наместо од 1 август ќе почне од 15 јули и ќе трае до 15 септември оваа година.

-Наместо износот што досега што беше над 500 илјади денари сега со измените што ќе ги предложиме на Владата, овој износ максимален по корисник ќе биде милион и 500 илјади денари. Ова значи дека сите кои ќе го предадат производството на складирање заклучно со први септември ќе може да добијат дополнителна финансиска поддршка за целиот период додека количините се во складиштата, односно се до крајот на годината, информира Николовски.

Тој најави дека се предвидува нова поддршка и за производителите на ориз, каде се менува подмерката 1.2 и преку измените на висината на дополнителните плаќања на ориз кои изнесуваат 12.000 денари по хектар без употреба на сертифициран семенски материјал, а 19.000 денари по хектар со употреба на сертифициран семенски материјал.

Според информациите на терен, соопшти министерот, голем број производители на ориз имаат набавено сертифициран семенски материјал и затоа очекуваат стотица апликанти. Доказите за набавката на овој материјал треба да се достават до подрачните единици на МЗШВ до 14 јули до кога трае и пријавувањето согласно новиот рок за директните плаќања во 2023 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK