Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова на 13.07.2024 година во “Вила Билјана” во Охрид, оствари средба со наградените од страна на агенцијата “Марили” жени претприемачки за 2024 година, настан кој во нашата земја традиционално секоја година ги истакнува најуспешните жени.
На средбата со претседателката Сиљановска Давкова, д-р Јелисавета Георгиевa Јовевска, потпретседателка на Стопанската комора и советничка во Кабинетот на претседателот на Комора за економски развој и инфраструктура, истакна дека со оваа средба претседателката на РСМ дава поддршка и го поттикнува квалитетот кој со упорна работа и многу вложен труд излегува на виделина.
Георгиева Јовевска на средбата која имаше цел да се поттикне вложувањето во себе, постојаната едукација, способностите и позицијата која жените ги имаат во нашата земја и кои нималку не се поразлични од оние во западните земји, подвлече дека во целиот 22 годишен период додека работи во Стопанската комора на Македонија ниту еднаш не се почувствувала инфериорно поради тоа што е жена, туку напротив, во рамноправна борба каде преовладува квалитетот и знаењето а не полот, националната припадност или друго, покажала и докажала дека може да се постигнат високи достигнувања.
Високи достигнувања можат да се постигнат доколку една личност има доволно самодоверба, многу знаење, постојана надоградба, етичност и морал од една страна но и упорност и истрајност од друга страна да ги надмине сите предизвици и да стигне до целта. При тоа, кога се работи за жена, да не се занемари можеби најважната улога која по природа една жена ја има, а тоа е во исто време освен професионално рамноправно да чекори и да се бори да биде и силна потпора и столб на семејството.
Претседателката Сиљановска Давкова ја потврди поддршката за сите жени кои преку свој труд и макотрпна работа претставуваат пример и мотив за младите генерации кои добро е да се задржат тука бидејќи нашата држава има потенцијал кој треба да се искористи.
За оваа награда и признание д-р Јелисавета Георгиева Јовевска е препознаена и пофалена како една од водечките жени менаџери во земјата поради нејзиниот придонес во Комората. Во својата 22-годишна кариера, Георгиева Јовевска извршува клучни позиции во Стопанската комора, како генерален секретар и извршен директор на Комората, и шеф на кабинет на претседателот на Комората. Преку нејзините управувачки и лидерски вештини таа успешно води бројни иницијативи на Комората што ги засили позициите на македонските компании и го зајакна коморското вмрежување.
Покрај Георгиева Јовевска која беше наградена жена од Стопанската комора на Северна Македонија, годинешни лауреатки на “Марили“ се и: Катерина Бошевска, генерален директор на ЕОS Македонија и EOS Косово, Жанета Бадаровска Ѓорѓиевска, генерален менаџер на Камел 98-Виница, Евгенија Ѓорѓиеска, извршен менаџер на Ламинати КОМ ДОО-Прилеп, Цветанка Илиева, генерален менаџер на Бистро Груп ДОО -Гевгелија, Ирена Јакимова, генерален менаџер на Инспирит Коучинг-Скопје, Клаудија Лутовска, генерален менаџер на Сеттим Консалтинг-Битола, Марија Патриклиска, менаџер за човечки ресурси ЕАМ ДОО-Штип, Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк АД-Скопје, Весна Ставрова генерален менаџер на ПЗУ Аптека „Сара Фарм“-Скопје, Сања Путица, менаџер за односи со јавност и инвеститор во Атлантска пловидба д.д-Хрватска, Дариа Шуриќ, генерален менаџер на DarMell-Хрватска и Зорана Пејчиќ, генерален менаџер и претседател на ИО на Дунав Реосигурување-Србија.