Д-р Драгана Чифлиганец во „Бизнис-клуб“: „Потребна е вистинска примена на законите и поголема финансиска дисциплина за развој на економијата“

azeski_cifliganec_3234234
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во втората епизода на подкастот „Бизнис-клуб“, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески разговара со д-р Драгана Чифлиганец, претставник на помладата генерација бизнисмени и потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија. Во разговорот со д-р Драгана Чифлиганец, која е прва дама на чело на градежна компанија и синоним за „Адора инженеринг“, се изнесуваат факти за градежната индустрија, но и за предизвиците со кои се соочува македонската економија.

„На Македонија ѝ е потребна национална стратегија за 10-15 години, која ќе биде поддржана од сите политички партии и која ќе се применува без разлика на тоа кој е на власт. Таа ќе опфати активности за намалување на корупцијата и активности за подобрување на образованието, кое е клучен фактор за една економија“, потенцираше  д-р Чифлиганец.


Д-р Драгана Чифлиганец докторирала на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје на тема „Управување со мали и средни претпријатија“, која нашла примена и во нејзиното работење. Од 2006 година е извршен директор на „Адора инженеринг“, а успехот на нивната компанија се темели врз мотото „Дисциплина и многу работа водат кон успех“.

Во разговорот со претседателот Азески ја истакнува потребата од реална примена на финансиска дисциплина и од преземање одговорност за грешките, што е основа за намалување на корупцијата, како и за соработка меѓу Комората и Владата, па токму затоа треба да се залагаме за градење стабилни платформи за јакнење на партнерството и на дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор.

„Бизнисот е брз и динамичен, па затоа при носењето на законите, регулативите и на прописите од областа на економијата гласот на бизнисот треба да биде уште посилен. На бизнисот му требаат брзи одлуки и решенија, па затоа е потребно да се има воспоставен правен систем, почитување на стручноста, департизација и примена на законите. Треба да има сѐ помалку примери кога поединецот се става над законите“, потенцираше д-р Чифлиганец.

Во однос на трите диспаритети на македонската економија што ги наведе претседателот Азески – 1) односот меѓу капиталот и трудот 2) односот меѓу издржуваното и работоспособното население и 3) континуитетот на спроведување на законите – д-р Чифлиганец истакна дека работникот треба да добие поголема плата, но дека, сепак, најбитен момент е продуктивноста која треба да ја даде, а тоа е сериозен проблем кај нас.

Д-р Драгана Чифлиганец е добитник на повеќе награди: интернационална награда „Дама на годината“ за иновативност во домувањето и за филантропија (Белград, Србија); „40 под 40“, награда на Самитот за водечки бизнис во Амстердам; признание  „Дама во градежништвото“ на Интернационалниот саем за градежништво и недвижнини, како и „Жена менаџер на годината“ во организација на „Марили“ и на Министерството за економија на Република Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK