Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на министерскиот состанок во рамките на климатскиот самит COP29 во Баку, Азербејџан, каде го потврди активното учество и поддршката на Македонија за две клучни иницијативи: COP29 Green Energy Pledge: Green Energy Zones and Corridors и COP29 Global Energy Storage and Grids Pledge.
Министерскиот состанок за енергетските иницијативи на COP29 е еден од клучните настани на енергетскиот ден на климатскиот самит во Баку, Азербејџан. Овој состанок, кој се одржува во организација на COP29 претседателството на Азербејџан во соработка со УНИДО, Економската комисија за Европа на ООН (UNECE), Азиската банка за инфраструктурни инвестиции (AIIB), Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) и други значајни меѓународни партнери, има за цел лансирање на важни глобални енергетски иницијативи: Зелени енергетски коридори и зони, Глобалната иницијатива за складирање на енергија и електрични мрежи,
На настанот присуствуваат високи претставници од владите на земјите учеснички, меѓу кои и министерката Сања Божиновска, како и претставници од приватниот сектор, меѓународни финансиски институции, и клучни донатори и филантропски организации. Состанокот претставува можност за глобална мобилизација на поддршка и финансии за иновации во енергетскиот сектор, со акцент на климатски отпорни енергетски системи и поврзување на енергетските пазари на глобално ниво.
Овие иницијативи се од витално значење за регионалната енергетска трансформација, а Македонија е посветена на нивната имплементација, истакнуваат од министерството на Божиновска.
Појаснуваат дека во рамките на иницијативата Green Energy Pledge, земјите ќе соработуваат за создавање зелени енергетски коридори и зони. Овие коридори ќе ги интегрираат обновливите извори во националните и регионалните електромрежи, поттикнувајќи енергетска стабилност, одржлив економски раст и нови работни места, притоа намалувајќи ги емисиите на стакленички гасови. Македонија, преку Стратегијата за енергетика до 2040 година и Националниот план за енергетика и клима, веќе работи на зголемување на капацитетите за обновливи извори на енергија, како и на создавање инфраструктура за зелени зони и индустриски паркови кои користат обновлива енергија.
Истовремено, со поддршката на иницијативата Global Energy Storage and Grids Pledge, земјите се обврзуваат на инвестирање во нови капацитети за складирање на енергија и модернизација на електричната мрежа, со цел постигнување глобален капацитет од 1,500 GW за складирање на енергија до 2030 година. Ова ќе овозможи сигурно и стабилно снабдување со енергија и поефективна интеграција на обновливите извори во електромрежите.
Оваа поддршка на COP29 иницијативите ја покажува посветеноста на Македонија кон постигнување на заеднички цели за одржлива енергетска транзиција, придонесувајќи кон борбата против климатските промени и зајакнување на енергетската безбедност во регионот.