Поранешниот министер за транспорт и врски и сегашен пратеник од редовите на СДСМ, Благој Бочварски рече дека со гордост ја објавуваат завршената изградба на експресниот пат Страцин – Крива Паланка, кој претставува стратешки проект за развојот на североисточниот регион на Северна Македонија. Овој проект беше започнат од СДСМ во 2018 година, а до средината на 2024 година беше реализиран повеќе од 90%,
„Завршувањето на овој пат е огромен успех за целата држава. Овој проект значително ќе придонесе за подобрување на економскиот раст, поврзаноста и квалитетот на животот на граѓаните во регионот. Доколку не беа блокадите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, експресниот пат ќе биде завршен многу порано“, изјави пратеникот од СДСМ.
Проектот вклучува изградба на две важни делници:
Делница Длобочица – Чатал (Страцин) со должина од 15,5 километри.
Делница од Крива Паланка до Длобочица, со должина од 10 километри.
Вкупната должина на експресниот пат е 25,5 километри, а вкупната вредност на проектот изнесува 94 милиони евра, финансиран преку средства од Светска банка и грантови, како дел од значајниот Коридор 8.
„Овој пат е значајно подобрување во безбедноста на патниот сообраќај и поврзаноста на Скопје и Софија, со што се создаваат нови можности за развој на трговијата, економијата и туризмот. Инвестиците на СДСМ во инфраструктурата во североисточниот дел на земјата покажуваат посветеност за подобрување на животните услови на граѓаните“, додаде Бочварски.
Проектот значи не само модерно патно поврзување, туку и значително намалување на црните точки и опасните свиоци, што ќе го зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот.
„СДСМ вложуваше во развојот на оваа регија преку многу други инфраструктурни проекти како реконструкцијата на патот Куманово – Страцин, Крива Паланка – Деве Баир и други значајни инвестиции“, истакна пратеникот.
Бочварски се заблагодари на сите кои биле вклучени во овој проект, од инженери до градежни работници, и нагласи дека без нивниот труд оваа голема придобивка немаше да биде возможна.