Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Република Србија, Горан Весиќ, денеска во Белград го потпишаа Меморандумот за изградба на железничка мрежа со високи перформанси на Коридор 10.
За Република Северна Македонија ова ќе значи преземање на обврски за реализација на инфраструктурани проекти за изградба на железница со високи перформанси, и тоа во прва фаза на потегот од граничен премин Табановце до Скопје и изградба на нова железничка линија до Меѓународниот аеродром Скопје.
Согласно Меморандумот тоа подразбира изградба на пруга во должина од околу 50 километри со комерцијална брзина со најмалку 160 киломтери на час за патнички возови, односно прилагодување на брзината според локалните услови на трасата.
„Земаме обврска за овие проекти да обезбедиме средства од меѓународните финансиски институции да час поскоро започнеме со реализација на оваа регионална иницијатива. Со министерот Весиќ во рок од две недели ќе формираме работна група и таа работна група ќе почне да работи на акционен план со динамика за реализација на овој проект. Коридорот 10 за регионот е најзначајниот европски коридор кој не поврзува со Средна Европа и мораме да ги користиме потенцијалите и придобивките, а инвестициите не само што се потребни, туку се и неопходни за да останме конкуретни на останатите рути во железничкиот и во товарниот транспорт“, изјави министерот Бочварски од Белград.
Република Северна Македонија во овој момент работи на изградба на пругата на источниот дел на Коридор 8 кон Република Бугарија, инвестиција вредна повеќе од 200 милиони евра, а веќе е завршена реконструкцијата на јужниот дел од Коридорот 10 во должина од 30 километри.