Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на настан по повод одбележување на 151-годишнината од формирањето на македонски железници.
„Денеска кога ја одбележуваме 151-годишнината од формирањето на македонски железници, најнапред би сакал да оддадам чест и признание на трудот на вработените во железничката инфраструктура и транспорт. На нашите сограѓани и сограѓанки, 1.600 на број, кои со нивната неуморна работа и напор се столбот на железницата во Северна Македонија. Обезбедувајќи непречен, безбеден и ефикасен транспорт, водејќи грижа за нашите пруги и станици, управувајќи со возовите што превезуваат патници и стоки вие ја имате главната заслуга за опстојувањето на нашите железници.
Годинава е една од најважните во историјата на железниците во Северна Македонија, се случи либерализација на железничкиот сообраќај. Отворивме ново поглавје во железницата, создадовме нови можности за подобар квалитет на услугите кои се испорачуваат, за поголеми приходи, а со тоа и за поголеми плати на вработените. И дозволете ми да ги адресирам гласините кои ве загрижуваат вас, вработените во железници, бидејќи денеска сакам да ме слушнете. Нема потреба од загриженост за вашите работни места. Да немате страв туку да гледаме во можностите и да развиваме железница која ќе биде на услуга на сите наши граѓани“, кажа Битиќи.
„Затоа што либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите, за проширување на железничката мрежа, односно зголемување на ефикасноста и ефективноста на железничкиот сообраќај во земјава. На либерализацијата не треба да гледаме со страв, да ја прифатиме како можност да ја искористиме нашата стратешка локација. Ќе ја споменам близината и поврзаноста со пристаништето во Пиреја, еден од најголемите транспортни хабови во Југоисточна Европа, влезна транспортна точка за цела Европа. Имаме потенцијал којшто треба уште да го искористиме, имаме придобивки кои ни се на дофат не само за железницата, туку и за целокупната економија.
Со развојот кој го нуди либерализација на железничкиот сообраќај, ќе поставиме нови основи за поддршка и стимулирање на економската активност, правејќи ја нашата земја уште попривлечен избор за бизнисите во Европската Унија, кои барат сигурни, блиски и ефикасни решенија за приближување на своите добавувачки ланци. Концептот на near-shoring станува клучен за развојот на нашата економија, а железницата е таа која има стратешка и клучна улога Северна Македонија да ја позиционира во срцето на европските синџири.
Затоа денешниот ден нека биде одбележан со оптимизам и одлучност, да не стравуваме и да прифатиме дека железницата ќе продолжи да игра клучна улога во движењето на нашата држава кон економски просперитет и успех.
Почитувани железничари, како што гледаме напред, знајте дека сум со вас. Заедно ќе ја трансформираме нашата железница, ќе ја направиме европска и модерна. Таа ќе биде национална гордост и ќе продолжи да им служи на сите граѓани“, изјави Битиќи.