Битиќи: Преку „Зелениот финансиски инструмент” 46 милиони евра се ставаат на располагање на бизнисот и граѓаните за воведување на технологии од обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност

Битиќи-Преку-„Зелениот-финансиски-инструмент-46-милиони-евра-се-ставаат.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанотот за промоција на финансиски продукти од проектот „Зелен финансиски инструмент”, кој се имплементира во соработка со агенциите на Обединетите нации, УНДП, ИОМ и УНЕЦЕ и ЕБРД.


Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека за него, овој проект е исклучително значаен бидејќи е начинот на кој можеме да имаме реален инпакт кон постигнување на нашите заеднички цели од Агендата 2030, за што во септември на 78-то Генерално собраните на Обединетите нации, се усвои Политичката декларација за забрзување на имплементацијата на Целите за одржлив развој од сите земји членки на Обединетите нации.

„Имајќи предвид дека сите држави се справуваат со глобални кризи, како пост ковид економското закрепнување, енергетската и економска криза, сметам дека овој проект со своите продукти кои се наменети кон малите и средни претпријатија и граѓаните од недоволно опфатени категории, е одлична можност да ја изразиме својата силна посветеност на забрзување на имплементација на Агендата 2030 и остварување на Целите за одржлив развој. Особено важно е дека преку имплементацијата на овој проект, токму приватниот сектор и граѓаните ќе земат активно учество во борбата со загадувањето и климатските промени“, рече Битиќи.

Во неговиот говор, вицепремиерот Битиќи рече дека Зелениот финансиски инструмент, кој започнува од денеска и ќе се имплементира до април 2026 година, има на располагање 46 милиони евра кои ќе бидат пласирани преку комерцијалните банки, кои се наменети и ќе можат да ги користат малите и средни претпријатија и граѓаните од ранливите категории.

„Практично, средните и малите компании и граѓаните, со фокус на недоволно опфатените категории, ќе можат преку комерцијалните банки да имаат пристап до кредити со грантова компонента со кои ќе можат да инвестираат во топлински пумпи, инвертери, клима уреди, котли, сончеви колектори за топла вода, фотоволатици, меѓу останатите продукти. Покрај ова, за олеснување на процесот и осигурување на правилно искористување на средствата, ним ќе им биде на располагање и бесплатна техничка помош. Овие 46 милиони евра се финансирани од глобалниот Заеднички фонд за Целите за одржлив развој или Joint SDG fund, Европската банка за обнова и развој, комерцијалните банки и Владата на Репбулика Северна Македонија“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи објасни дека ова е финансиски механизам преку кој целиот екосистем на банки, продавачи на производи и даватели на услуги и Владата, се стимулираат да работат заедно со различни засегнати страни за да се обезбеди потребната финансиска и техничка поддршка што ќе ја забрза транзицијата кон иновативни решенија за обновиливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

„Зелениот финансиски инструмент ќе отклучи приватен тек на капитал од финансиски институции, мали и средни претпријатија, односно бизнис секторот, а ќе се помогне и на домаќинствата, со фокус на ранливите категории на граѓани“, рече Битиќи.

Во неговиот говор, вицепремиерот Битиќи се осврна и на целите кои треба да се достигнат преку овој проект, а се засноваат на Националните стратешки документи, како Стратегија за развој на енергетиката и со ревидиранииот „Национален придонес за климатските промени“, но истовремено и со Европскиот Зелен договор, а тоа особено е важно во отпочнувањето на скриниг процесот на поглавјата во процесот на пристапувањето кон Европската унија.

„Со оглед на тоа што енергијата и климатските промени како и загадувањето на воздухот се меѓусебно поврзани, и овој проект, вистина го гледам како одлична можност за совладување на заедничките предизвици. Благодарам на сите што дадоа свој придонес во овој проект и верувам дека заедно ќе постигнеме значителни успеси“, заклучи вицепремиерот Битиќи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK