Битиќи не очекува генерален штрајк во УЈП: Сите вработени во јавниот сектор заслужуваат достоинствени плати

bitiki
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не очекува Управата за јавни приходи (УЈП) да стапи во генерален штрајк. Според него, не би требало основните процеси во државата да бидат доведени во прашање. Сите вработени во јавниот сектор и администрацијата заслужуваат достоинствени плати, но местото за изнаоѓање решение, нагласи, е на маса, преку дијалог.

Владата, подвлече Битиќи, е отворена за разговор со сите страни, а парцијалните решенија не даваат резултат.


Одговорајќи на новинарски прашања по отворањето на новиот погон на американската компанија „Теламон“ во Инџиково, вицепремиерот информира и дека денеска нема да се одржи седница на Економскиот социјален совет, зашто од Сојузот на синдикатите (ССМ) најавиле неможност да присуствуваат. Седницата највероатно ќе биде закажана за идната недела.

-Мислам дека не би требало да има генерален штрајк, особено не би требало основните процеси во државата да бидат доведени во прашање. Помирувачот, кој мислам дека веќе е назнчаен, ќе си ја направи својата работа, а ние секој ден сме отворени да разговараме со сите страни за да најдеме решение. Информации кажуваат дека побарале помирувач. Имаат временски период од десетина дена за да бараат решение. Сум кажал, и кога имавме уште поголеми кризи, дека местото за наоѓање решение е на маса, преку дијалог, а не со еднострани дела како штрајкот, истакна Битиќи.

Тој дополни и дека се одржал координативен состанок со министрите и директорите засегнати со најавениот штрајк во УЈП и протестите во Царинската управа.

-Кажавме дека навистина сакаме решението да биде одржливо. Парцијалните решенија не даваат резултат. За жал, тоа што се случи во Министерството за финансии е резултат на измена на Законот кој неколку години стоеше во собраниска процедура и дојде во момент кога ние наоѓавме одржливо решение. Навистина сме многу блиску со решението во Општиот колективен договор, требаше денеска да имаме Економски социјален совет, но од ССМ најавија дека не можат да присуствуваат зашто не се во државата. Мислам дека следната недела ќе имаме, но во меѓувреме ќе испратиме нов предлог според кој во брза иднина сите вработени во јавниот сектор, не само УЈП и Царинската управа, ќе добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат, а за кои мора да сториме се. Луѓето во јавниот сектор и администрацијата навистина заслужуваат достоинствени плати, подвлече вицепремиерот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK