Потпретседателот на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески денеска и утре ќе престојува во работна посета на Р. Бугарија. Тој ќе се сретне со раководството на Бугарската стопанска комора (БТПП-Бугарска трговско-индустриска палата), каде ќе разговара за инфраструктурното поврзување, зголемувањето на размената и отстранување на трговските бариери. Тема на разговор ќе бидат и конекциите со КИФ, кој го претставува приватниот бизнис сектор во земјите од Западен Балкан.
Коридорот 8, еден од десетте паневропски транспортни коридори кој го поврзува Црното и Јадранското море (1350 км), исто така ќе биде во фокусот на разговорите.
Во првите седум месеци од оваа година трговската размена помеѓу двете земји достигна ниво од 531,1 милион САД долари. Нашиот извоз изнесува 239,8 милиони САД долари, а увозот 291,2 милиони САД долари. Република Бугарија е шестиот трговски партнер на нашата земја. Во 2022 година за првпат достигнавме вкупна трговска размена од 1,8 милијарди САД долари.