Владата на Аргентина ги ограничи месечните зголемувања на цените во супермаркетите на максимум 5 отсто во следните 90 дена, бидејќи се обидува да ја намали троцифрената инфлација пред општите избори.
Министерот за економија Серџо Маса ја објави одлуката по состанокот со претставниците на супермаркетите, истакнувајќи дека официјалните лица постигнале договор со претставниците на 31 локален синџир супермаркети за стабилизирање на цените до општите избори закажани за октомври.
Маса е кандидат за претседател на владејачките перонисти, откако на прелиминарните избори минатата недела освои најмногу гласови од сите перонисти. Противници на Маса се радикалниот слободар Хавиер Милеи, кој освои најмногу гласови од сите кандидати во земјата и централнодесничарската надеж Патриција Булрих.
Договорот предвидува даночни олеснувања за оние супермаркети кои нема да имаат зголемување на цените за повеќе од 5 отсто месечно, заедно со кредитна програма за малите и средни претприемачи кои ги снабдуваат супермаркетите, се вели во соопштението на Министерството.
Претходно, владата усвои други иницијативи за замрзнување на цените за да ја спречи високата годишна инфлација, која надмина 113 отсто во јули.
Потрошувачките цени се очекува дополнително да се зголемат во август бидејќи неочекуваната победа на Мајли на прелиминарните избори доведе до остра девалвација на пезосот. Во четвртокот, Министерството објави дека ќе ги замрзне цените на горивата до 31 октомври по договорот со индустријата.