Ангеловска-Бежоска на започнувањето на втората фаза од проектот со ИНФЕ-ОЕЦД и МФ на Холандија: Преку финансиска едукација до ползување на придобивките од финтек-секторот

Ангеловска-Бежоска-на-започнувањето-на-втората-фаза-од-проектот-со-ИНФЕ-ОЕЦД.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, на покана на министерката за финансии на Холандија и ОЕЦД, учествуваше на настан посветен на финансиската едукација. Средбата истовремено го означи и почетокот на втората фаза на проектот финансиран од холандското министерство за финансии и ИНФЕ-ОЕЦД, насочен кон поддршка на финансиската писменост и инклузија во регионот на ЦЈЕ. Средбата ја отвори потпретседателката на Владата на Холандија и министерка за финансии, Сигрид Кааг, со обраќање кон присутните.


„Дигитализацијата во финансиите носи бројни предности, вклучително и подобар пристап до финансиите, којшто, пак, е важен за намалување на сиромаштијата и за повисок економски раст. Според некои истражувања, со полесен пристап до финансиите може да се зголеми растот и за околу 2 процента, а ако станува збор за дигитален пристап до финансиите, дури и повеќе. Сепак дигиталната ера носи и нови ризици. Ризиците од дигиталните иновации, како што се евентуалните нови видови на е-измама, откривањето, прашањата околу безбедноста и доверливоста на податоците, полесниот пристап до краткорочни кредити и потенцијалната презадолженост на домаќинствата, мора да се третираат внимателно, не само од регулаторна гледна точка, туку и преку зголемување на свеста за нив во рамките на процесот на финансиска едукација“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата со наслов „Финансиска писменост и финансиска едукација: нови предизвици и стратегиски приоритети“.

Таа додаде дека покрај новите можности за инклузија, треба да се има на ум дека недостатокот на дигитални вештини и писменост може всушност да ја ограничи инклузивноста и придобивките од дигиталните финансиски услуги. Затоа, треба да се развиваат ефективни иницијативи за финансиската едукација коишто ќе ги опфатат финансиите во дигиталниот свет, да се поддржат дизајнот и употребата на дигиталните алатки за да се обезбеди финансиско образование за помладите генерации, но и да се подигне свеста и кај постарите генерации.

На панел-дискусијата гувернерката истакна дека во рамките на првата фаза на проектот, во изминативе неколку години, е направен значителен напредок што беше потврдено и од страна на меѓународните институции. Така, во 2021 година е донесена првата национална Стратегија за финансиска едукација и инклузија, неколку стратегиски документи, а спроведени се и бројни едукативни активности, со кои меѓу другото, се посветува внимание и на дигиталната писменост. За ефективно спроведување на Стратегијата, Народната банка ги зема предвид потребите на младата и на постарата популација и нуди различни видови образовни можности за целото население, што вклучуваат онлајн предавања, едукативни објави на веб-страницата и социјалните мрежи, едукативни видеоигри и онлајн квизови. Народната банка неодамна објави и брошура за користење на дигиталните финансиски услуги што содржи лесно разбирливи совети за безбедно користење на овие услуги.

Настанот, на кој присуствуваа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и главната економистка на Народната банка, Анета Крстевска, се одржа во Хаг, Холандија, во рамките на Годишниот состанок за регионалниот проект − Техничка помош за финансиска едукација. На настанот присуствуваа високи претставници од 10 земји од ЦЈЕ кои се вклучени во проектот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK