Адева, ИТ компанија од Македонија во топ 50 најбрзорастечки компании во С. Америка

og_deloitte
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Компанијата Адева, која е глобална мрежа за врвни ИТ таленти, основана од Катерина Трајчевска и Тошо Трајанов е прогласена за една од најбрзорастечките компании во Северна Америка во престижниот избор на Делојт (Deloitte), рангирајќи се рамо до рамо со компании како Moderna, Novax и Airbase. Листата наречена „Technology Fast 500” ги наградува компаниите кои покрај динамичниот пораст на приходите во изминатите 3 години, прикажале и врвна бизнис стратегија, визија и менаџмент, изнаоѓајќи иновативни начини и решенија за решавање на предизвиците и креирање вредност.

Адева, компанија добро позната во домашната ИТ заедница, која од 2017 има претставништво во САД, се најде на оваа листа благодарејќи на својата платформа за поврзување на врвни ИТ таленти од над 40 земји со големите глобални ИТ компании. Успехот на нивните иновации во домејнот на регрутација и аутсорсирање, резултираше со пораст на приходите на Адева од дури 3211%, што придонесе за освојување на престижната награда на Deloitte, и позиционирање на компанијата на високото 48-мо место на листата на најбрзорастечките 500 технолошки компании во Северна Америка.


“Адева е посветена на иновирање на начините на кои компаниите ги скалираат своите тимови,” изјави Катерина Трајчевска, соосновач и генерален директор на Адева. “Во динамичната технолошка средина денес, брзата адаптација и иновација се клучни. Инженерските лидери трагаат по голема флексибилност за брзо растење, и се сè поотворени кон смели стратегии кои одат подалеку од традиционалните методи за вработување. Адева им го овозможува тоа, креирајќи им услови да напредуваат според свои правила. Поттикнувањето на нивниот раст е основна движечка сила зад растот на нашата компанија.”

Тошо Трајанов, соосновач и директор за развој во Адева, истакна дека клучот на нивниот успех е во длабокото разбирање на предизвиците и целите на технолошките компании. “Нашето лично искуство како технолошки претприемачи ни овозможи да изградиме заедница која не само што ги задоволува, туку и предвидува потребите на модерните технолошки компании. Платформата на Адева ги надминува типичните бариери при вработувањето, овозможувајќи им на компаниите непосреден пристап до врвни технолошки професионалци од повеќе од 40 земји во светот. Горди сме на нашиот строг процес на евалуација, што им овозможува на нашите клиенти да интегрираат врвни професионалци брзо и едноставно, за само неколку дена.”

Трајанов додава дека транспарентниот ценовен модел на Адева и пристапот до светска мрежа од врвни таленти им овозможуваат да креираат индивидуализирани решенија за секој клиент во согласност со неговите финансиски и оперативни планови.

Инаку, листата на Делојт е во својата 29-та година од постоењето и на неа се наоѓале голем број од најетаблираните и најмоќни компании во светот денес. Таа е одличен индикатор за идните успеси на компаниите, од кои се очекува да станат доминанти лидери во областа во која работат. Во изминатите години на оваа листа се најдоа компании како Google, Facebook и Amazon. Адева е првата компанија со основачи од Македонија која се најде на престижната листа „Најбрзи 500 во Северна Америка“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK