Загадувањето на морската вода на бугарското крајбрежје е и до 41 пати поголемо од дозволените стандарди, се наведува во извештајот на научниците од Универзитетот во Софија и Здружението на активни корисници, по испитувањето на плажите долж јужниот брег на Црното Море.
Водите на седум од вкупно 11 истражени плажи на јужниот брег на Црното Море не ги исполнуваат критериумите за чистота, а на две локации, Попска плажа и Приморско, загадувањето е екстремно, предупредуваат авторите на студијата.
Тестот покажа дека водата на само четири плажи го исполнува квантитативниот критериум за содржината на бактеријата ешерихија коли, а најчиста е плажата Харманит во Созопол, со 240 бактерии од дозволените 500 на 100 милилитри, пренесува Новините.
На северната плажа на градот Царево, Попски, вредностите на ешерихија коли достигнаа 20.666 бактерии на 100 милилитри, што е повеќе од 41 пати над дозволеното.
На второ место е јужната плажа Приморско, со 11.333 бактерии/100 мл или 22 пати повеќе од границата.
„Сигналот за проблемите на оваа локација го дадоа мештаните кои забележаа огромен дотек на фекална вода во реката од околните хотелски комплекси. Очигледно, бактериите продираат заедно со свежата вода во крајбрежјето“, предупредуваат од анализата на проектот Микробиолошки ризици во животната средина.
Најпосетувани се плажите Атлиман во Китен и Лозенец, каде загаденоста е два и четири пати поголема од дозволената.
Авторите забележуваат дека бројот на туристи на плажата не е главен извор на загадување, туку незаконското и нерегистрирано испуштање на отпадните води.
Поради нерамномерниот развој и обемот на канализацијата, квалитетот на водата за капење не е ист на различни плажи. Во согласност со крајбрежната инфраструктура се менува и степенот на фекално загадување на морската вода.
Очигледно е дека чистотата на водата за капење зависи од политиката на локалните власти, а онаму каде што се занемарува третманот на отпадните води, тоа влијае на квалитетот на плажите во градот, се посочува во студијата.
По експлозијата на ѕидот на браната Нова Каховка во Украина и последователните поплави, во Бугарија постоеше загриженост, поттикната од руската пропаганда, дека дел од отровот може да исплива на југ до бугарските плажи и да ја расипе туристичката сезона.
Сепак, хидрологијата на морето и големата оддалеченост претставуваат бариера и засега нема докази за присуство на токсични материи од Украина, се наведува во студијата, додавајќи дека не се пронајдени индикации за прекугранични микроорганизми.
„Ниту една бактерија „Каховка“ не може да влијае на нашиот брег. За жал, сите несакани микроорганизми кои се наоѓаат на нашите плажи се од оригинално потекло“, велат авторите.
Регионалната здравствена инспекција на Бургас регистрирала 49 главни плажи долж јужниот брег на Црното Море, па авторите на студијата предупредуваат дека може да има и други плажи со неквалитетна вода за капење.
Авторите предупредуваат дека контактот со бактеријата ешерихија коли автоматски не доведува до болест, но нејзиното присуство во прекумерни количини значи можно присуство на други, поопасни агенси на болеста.