Ровињ, 24 септември 2023 г. – Најдобриот Weekend во годината уште еднаш воодушеви, инспирираше, едуцираше и забавуваше, со што ја оправда титулата водечки регионален фестивал за медиуми, комуникација, маркетинг и креативен бизнис. Во последните три дена, стариот тутунски комбинат во Ровињ собра рекорден број посетители, кои имаа можност да учествуваат на предавања од врвна класа и да слушнат сè од водечките регионални и светски експерти за актуелните теми и трендови на денешницата, со неизбежна доза на одлично дружење и забава. Меѓу нив беа и темите за соживот на луѓето од ПР индустријата и новинарите, контроверзните претприемачи, влијанието на вештачката интелигенција, феноменот трап, но и деловните неуспеси што ги забележале успешните претприемачи на нивниот развоен пат.
„Weekend.16 ги надмина сите очекувања! Беше фантастично уште еднаш да се ужива во неверојатната атмосфера, полните сали и задоволните лица на рекордните 6.000 посетители, кои уживаа во последниот викенд од септември. Уште еднаш докажавме дека сме фестивал – лидер во размена на искуства, одлична енергија, пријателство и создавање деловна соработка, но и фестивал на нови идеи“, изјави Томо Рицов, програмски директор на Викенд медиа фестивалот, кој се одржа оваа година под генерално покровителство на Групацијата Адрис.
Вештачката интелигенција е сèприсутна, со неа природно ќе се развиваат помладите генерации, а наше е да ги запознаеме сите нејзини можности, да се едуцираме, да се информираме и да ги прифатиме позитивните промени што ќе ги донесе таа, а тоа е всушност акцент на панелот „Open about AI“. Динамичната дискусија на експертот за вештачка интелигенција Борис Дебиќ, директор на ЗШЕМ, Мислав Маленица, претседател на CroAI и извршен директор на Mindsmiths, и Јошко Мрнџа, директор на Adriatics region, Google, модерирана од Ацо Момчиловиќ, експерт и советник од Futurehr, заврши со пораката дека не е толку важна технологијата, колку е важен фактот дека ерата со која се соочуваме е нова револуција. Борис Јокиќ, директорот на Институтот за социјални истражувања, во своето предавање заклучи дека развојот на дигиталните технологии и вештачката интелигенција радикално ги промени сите аспекти од нашиот живот, така што приватност речиси веќе не постои.
Кишоре Махбубани, сингапурски дипломат, поранешен претседател на Советот за безбедност на ОН и експерт за меѓународни односи, сподели неверојатни сознанија за иднината, геополитичките промени и влијанието на Азија врз Западот на панелот „Дали Западот (се) изгуби?“. „Следните 10 години ќе бидат 10-те највозбудливи години во геополитиката“, рече Махбубани, нагласувајќи дека никогаш досега во човечката историја не сме виделе како две неверојатни сили со еднаква големина и моќ се конфронтираат. „Ова ќе го потресе светот, врзете ги појасите!“, порача Махбубани на инспиративното предавање.
Жешка дискусија се водеше на панелот „Каде грешат луѓето од ПР индустријата?“. „Проблемот не е во тоа што премногу информации се слеваат кон нас, туку проблемот е обично во тоа што луѓето од ПР индустријата сакаат да имаат контрола врз работата на новинарите, понекогаш преку политичка моќ, а понекогаш и преку комерцијална моќ, и тие мислат дека имаат моќ да управуваат со информациите. Накратко, на новинарите им пречи што сакаат информации кои луѓето од ПР индустријата не сакаат да ги дадат, а пак луѓето од ПР индустријата форсираат информации, кои се неинтересни за новинарот затоа што се од промотивен карактер. Публиката е во загуба бидејќи има конфликт меѓу двете струи“, рече Томислав Клаушки, новинар од 24sata, кој учествуваше на панелот со Ивана Галиќ Бакса, директорка за маркетинг и комуникации на United Media, Ружа Вељовиќ, директор за корпоративни работи и комуникации во Wireles Media Group и Владимир Прешељ, извршен директор на Millenium promocijа. За влијанието на медиумите врз перцепцијата на претприемачите зборуваа: Зоран Турковиќ, главен извршен директор на 24sata, Александар Станковиќ, ТВ водител, Зоран Шпрајц, уредник и водител на RTL, Хрвоје Бујас, претседател на здружението Glas poduzetnika и Тихомир Ладишиќ од N1, директор на вестите и програмите на панелот „Контроверзен претприемач поддржан од UGP“, под модераторската палка на Петар Стефаниќ.
„На почетокот на 90-тите, зборот претприемач најмногу се поврзуваше со криминалот, а целата идеја на UGP беше зборот претприемач да стане поим за луѓе кои создаваат нови вредности. Зборот „бизнисмен“ е човек кој дошол на позиција преку политичка врска и затоа треба да ги дистанцираме овие два поими. Се разбира, политиката функционира во медиумите, но има претприемачи кои, исто така, би сакале и влијание и моќ“, рече Бујас.
Иако масовните медиуми не се кралеви на медиумската култура како порано, тие останаа живи и силни, па технологијата ја промени нивната доминација и парадоксално ги направи помоќни, е всушност тезата на предавањата “Како податоците и вештачката интелигенција го обликуваат денешното DOOH и Последниот масовен медиум,“ на кои експертите од областа на DOOH – Каи-Маркус Таслер, член на управниот одбор на Светската организација за надворешно рекламирање (WOO) и Денис Гаумони, пионер и светски лидер во мерењето на надворешно дигитално рекламирање и екрани во малопродажба, ги споделија своите приказни и искуства. „Најлесно е да се откажеш, а најтешко е да продолжиш“ е пораката на овогодинешниот панел „Пушилница 2.0,“ каде што успешните луѓе ги открија своите не толку успешни приказни, додека непомирливите разлики меѓу бумерите, генерацијата зи и милениумците, т.е. децата на цвеќето и рокерите, и младата генерација која слуша трап, ги објаснуваат музичарите Реља Поповиќ и Зембо Латифа, Ѓорѓе Трбовиќ, ко-основач и извршен директор на IDJ и Милан Мајеровиќ Стилиновиќ од ЗАМП. Тие заклучија дека, и покрај тоа што бумерите често не ја разбираат трап културата, таа стана феномен што го обедини Балканот, укажувајќи на моќта на музиката како средство за зближување на луѓето и промовирање на заедништво.
Што ѝ е смешно на публиката на брегот на Вардар, а што на онаа под Триглав? На која публика ѝ е поважно нешто да е смешно, а на која ѝ е доволно да е само смешно? На овие прашања одговорија најдуховитиот состав на викендот – стенд ап комичарите Тин Водопивец, Горан Винчиќ и Пеѓа Бајовиќ, како и новинарот и водител Зоран Кесиќ, кој не верува дека неговата публика ја мачат националистички прашања, дури и ако тоа е сè уште актуелна тема на нашите простори, и кој наместо политичка сатира, би ги извезувал нашите политичари во Европа. Викенд медиа фестивалот беше заокружен со забава до раните утрински часови со одличниот холандско-новозеландски бенд My Baby и RNB Confusion, организиран од диџеј Медо и диџеј Турк и Зембо Латифа, кои со одлична музика, многу забава и дружба го испратија овогодинешниот Weekend.16.
Како беше на овогодинешниот Weekend можете да видите тука, а сите новости можете да ги следите преку официјалните профили на фестивалот на Facebook, Instagram и Linkedin.