Вучиќ: Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина, Молдавија и Грузија и не се одрекнува од својот територијален интегритет

vucik
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во обраќањето до јавноста на српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, изјави дека e многу загрижен за состојбата во северно Косово и дека Србија на Самитот на шефови на држави на Советот на Европа ќе биде застапена на најниско ниво и ќе биде воздржана на гласањето за декларацијата за територијален интегритет на Украина, Молдавија и Грузија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Му кажав на Лајчак дека мојата загриженост доаѓа од страсната потреба на (премиерот) Албин Курти да предизвикува инциденти и конфликти и да се престави како херој. И дека ова последното нешто што го направи со експропријацијата, е толку лошо што немам зборови. Посебно ме загрижува затоа што во Квинта се прават наивни, изјави Вучиќ, додавајќи дека е загрижен и што Приштина мисли дека може насилно да заземе одредени простори во северно Косово.


„Курти не сака да формира ЗСО и за утре планира упад во Звечан каде наводно победил неговиот кандидат… Лајчак е загрижен, разговарал со Србите од северот на Косово и други… Сите му кажале истото и ја виде решителноста на Србите да се соочат со теророт на Курти“ кажа Вучиќ.

Тој изјави дека Србија на состанокот на Советот на Европа во Рејкјавик на шефови на држави и влади, ќе биде претставена на најниско ниво, односно дека нема да присуствува, а Србија ќе се воздржи при гласањето за Резолуцијата за заштита на територијалниот интегритет на Украина, Молдавија и Грузија, поради тоа што „ќе сакаат да газат по интегритетот на Србија.“

-Ќе бидеме воздржани и нема да можат да кажат дека одлуката е прифатена едногласно. И ќе ме нападнат, но тоа не е важно. Ние го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина, Молдавија и Грузија, но не сме подготвени да се откажеме од нашиот територијален интегритет, рече Вучиќ.

Тој потсети дека Србија поднела амандман на таа резолуција во која „помеѓу запирките“ бара да кога се говори за територијалниот интегритет на Украина, Молдвија и Грузија, да се вметне и почитување на територијалниот интегритет на сите останати земји-членки на СЕ, но дека тој бил одбиен на инсистирање особено на Германија.

-Кога одлуките и повелбите на ОН се во согласност со нивните желби, тогаш тоа е во ред. Ако ОН пропишат нешто поинакво, а тоа не е во согласност со нивните желби, дотолку полошо за повелбата и резолуциите на ОН, посочи Вучиќ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK