Српскиот претседател, Александар Вучиќ, се обраќа за немирите што од синоќа се случуваат на северот на Косово, кај селото Бањска.
Според досегашните информации на властите во Приштина, вооружена група пукала кон косовски полицајци, пришто еден загина, а други двајца беа повредени.
Во престрелките што траеа во текот на целиот ден, според информациите на косовската полиција, застрелани беа три лица од вооружената група, а приведени петмина.
Меѓународната заедница ги осуди нападите.
Вооружената група потоа упадна во дворот на Бањскиот манастир, а верниците и свештените лица останаа внатре. Рашко-призренска епархија по неколку часа објави дека групата се повлекла и во манастирот е мирно, но има неизвесност и загриженост кај монасите и верниците.
Косовскиот премиер, Албин Курти, за состојбата на северот директно ја обвини Србија дека ги финансирала и поддржала напаѓачите, опишувајќи ги настаните како терориризам.
Во близина на манастирот, во хотел има и седум македонски државјани, меѓу кои и дете. Косовска полиција го обезбедува хотелот, велат од МНР.