Албанија бележи висок прилив на странски туристи во периодот јануари-јуни оваа година, со раст од 33 отсто, споредено со истиот период минатата година.
Министерката за туризам и животна средина, Мирела Кумбаро, денеска на социјалните мрежи ги сподели податоците за периодот јануари-јуни 2022 и 2023 година.
-Ви посакувам успешна недела со добри вести: официјалните податоци го потврдуваат она што го гледаме со голо око. Во првите 6 месеци од оваа година Албанија ја посетиле околу 3,4 милиони посетители-странци, или 33 отсто повеќе од минатата година, со што стануваме дел од туристичката мапа на Медитеранот, со уникатен вкус и поглед на сè што може да се најде во Албанија, наведува Кумбаро во видео-запис објавен на Фејсбук.
Според неа „само во јуни 2022 година Албанија ја посетиле 876 056 посетители, додека во јуни 2023 година 1.007.033 посетители, односно 15 отсто повеќе од пред една година. Во периодот јануари-јуни 2022 година во земјата престојувале 2.553.747 туристи, додека во истиот период годинава 3.396.932 или 33 отсто повеќе.
-Поради долгото крајбрежје, Албанија нуди многу плажи, од север кон југ, како во Велипоја во Скадар, Шенѓин, потоа во во Драч, Валона, Химара, Саранда итн., овие плажи ги посетуваат не само Албанците, туку и странски државјани, кои во летните месеци ја избираат Албанија како туристичка дестинација. Исто така, Ѓирокастро, Берат, Бутринти, Круја, Тирана, Скадар итн., се
популарни дестинации за историски и културен туризам. Исто така нашата земја има услови за целогодишен туризам, поради релјефот, кој нуди можности за туризам од јужниот до северниот дел, наведува таа.
Посочува дека туристичките села на северот од земјата во последно време ги посетуваат се поголем број туристи, а се развива и инфраструктурата за авантуристички туризам и нагласува дека Албанија има и многу реки, лагуни и национални паркови кои привлекуваат туристи од целиот свет.
Минатата година во Албанија престојувале 7,5 милиони странски туристи што се оценува како рекордна година. Нивниот број бил поголем за 1,9 милиони споредено со 2021 година.