– Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денеска изјави дека неуспехот на шведските власти да го спречат палењето на Куранот на протестот во земјата предизвикува загриженост за безбедноста и поставува прашања за тоа колку е квалификувана да стане членка на НАТО.
Фидан рече дека Турција сепак ќе ѝ даде зелено светло на Шведска да се приклучи на воената алијанса доколку Стокхолм ја „заврши својата домашна задача“ и продолжи со напорите за решавање на прашањата што ја засегаат Турција.
– Фактот што шведскиот безбедносен систем не беше во состојба да спречи провокации и што претстави слика на земја која внесува проблеми во НАТО, наместо сила, не тера да размислуваме за стратешките и безбедносните аспекти, рече тој на заедничката конференција со неговиот јордански колега.
По рускиот напад врз Украина минатата година, Шведска и Финска ги напуштија своите традиционални позиции на воена неврзаност и побараа прием во НАТО.
Сепак, кандидатурата на Шведска е блокирана од Турција која ја обвинува дека е попустлива кон групите кои Анкара ги смета за безбедносна закана.
Турција не е задоволна од серијата демонстрации одржани во Шведска од приврзаниците на Курдистанската работничка партија (ПКК), која е забранета во Турција, како и од протестите на кои беше запален Куранот.