Директорот на српската владина канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, денеска во рамки на официјалната посета на Кина разговараше со заменик министерот за надворешни работи на Кина Денг Ли за безбедносната состојба на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Во соопштението од Канцеларијата за Косово и Метохија се наведува дека Петковиќ го информирал Денг за тешката безбедносна ситуација на Косово во која се наоѓа српскиот народ, „особено откако Албин Курти е дојден на власт, што се карактеризира со брзо зголемување на насилството врз Србите и другите неалбански граѓани со кршењето на нивните основни човекови права“.
-Во Приштина нема желба да се постигне компромис, дијалог и деескалација на актуелната криза, која ја предизвика приштинската страна со своите насилни и еднострани потези, организирање нелегални избори и завземањето на српските општини на северот на Косово. Кризата што ја генерира Приштина се заканува да се прелее во целиот регион, предупреди Петковиќ и посочи дека 10 години Косово одбива да формира Заедница на српски општини во согласност со договорот од Брисел во 2013 година.
Заменик министерот за надворешни работи на Кина, Денг Ли, го пренел уверувањето до Петковиќ дека Народна Република Кина ќе продолжи да ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија, со јасно спротивставување на едностраните потези на Косово. Тој нагласи дека кинеската страна поддржува изнаоѓање решение за косовското прашање со мирни средства, врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, а особено ја истакна поддршката и инсистирањето на Пекинг во однос на што поскорешното формирање на ЗСО, соопштија од Канцеларијата за Косово и Метохија.