Лидерот на опозициската Партија на слободата и поранешен претседател, Илир Мета, изјави дека Албанија е последна во регионот за привлекување странски инвестиции.
Исто така според него земјата има најниски приходи во буџетот во однос на Бруто домашниот производ, под 30 проценти, додека сите други земји во регионот имаат просек од 40 проценти.
-Економскиот раст останува понизок од планираниот раст, имаме највисок јавен долг во регионот покриен со еврообврзници и највисоко ниво на договори за јавно приватно партнерство. За 2023 година беше ветен економски раст од 4,84%, но Светска банка и ММФ предвидуваат дека тешко ќе може да достигне дури 2,2%, рече Мета.
Тој се задржува и на зголемувањето на платите на функционерите и администрацијата, која, според бегови доведува до продлабочување на нееднаквоста.
-Ова зголемување на платите, кое мнозинството го трубеше за подобрување на благосостојбата на јавната администрација, резултира со продлабочување на екстремната нееднаквост. Ако платата на премиерот беше 7 пати поголема од минималната, со овие измени таа е 10 пати повисока од минималната плата, оцени тој.
Посочува дека ако премиерската плата била 13 пати поголема од пензијата во градот, денеска со овие измени премиерот добива 23 пати повеќе од просечната пензија во градот.
-Ако платата на премиерот била 22 пати поголема од просечната пензија во село, денес таа е 38 пати поголема. Ако платата на премиерот претходно била 32 пати поголема од месечната економска помош за семејство со 4 члена, денес оваа разлика е речиси двојно зголемена во однос на порано, спореди тој во видео објавено на Фејсбук.
Партијата на Мета, кому петгодишниот претседателски мандат му заврши на 24 јуни минатата година, е трета по големина во земјата а на последните локални избори одржани на 14 април ја предводеше обединетата опозиција.
Со неодамнешните измени на законот за плати, усвоени од парламентот, најголемо покачување имаат пратениците со 98 отсто, а по нив министрите со 82 проценти. Пораст од 72 отсто има платата на премиерот, а на претседателот за 65 отсто.