Да се направи промена во распоредот на местата и локацијата на партиите во Парламентот, со цел радикалните десничари од партијата Спартанци да не бидат во делот на левицата во Парламентот, бара претседателот на пратеничката група на СИРИЗА Сократис Фамелос, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку писмото испратено до претседателот на Парламентот по вчерашната прва седница на Парламентот, Фамелос го изразува незадоволството на пратеничката група на СИРИЗА за првичниот избор на позициите на пратеничките групи.
Сметаат, како што пишува, дека е неприфатливо и незамисливо што пратеничката група на СИРИЗА е поделена и местата на пратениците не се во континуитет, но исто така сметаат дека е неприфатливо и тоа што било избрано партијата Спартанци да биде сместена во левичарските места во Парламентот, „нешто што не е во согласност со историјата на Парламентот“.
Претседателот на пратеничката група на СИРИЗА додава дека веднаш треба да се направат соодветните промени „затоа што не може да започне пратеничкиот период со толку сериозни прекршувања на правилата и етиката“.