Шолц за Берлинскиот процес: Соработката во Западен Балкан е важна затоа што тие можат само заедно да влезат во ЕУ

Во-Вашингтон-Шолц-го-повика-американскиот-Конгрес-да-ја-деблокира.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По денешниот самит за Берлинскиот процес, германскиот канцелар Олаф Шолц ја истакна важноста на соработката во регионот на Западен Балкан, кој, како што рече, се уште е оптоварен со проблеми од минатото, пишуваат медиумите во регионот.


„Берлинскиот процес помага да се надминат границите меѓу земјите. Ова е важно бидејќи конфликтите од минатото и денес влијаат на соработката, за жал, и разговаравме за тоа. Дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово не оди во задоволителна насока“, изјави тој за новинарите.

Тој ги повика властите на Србија и на Косово да ги исполнат своите обврски, бидејќи тоа е важно за граѓаните и нивната иднина во ЕУ.

Шолц истакна дека сè уште постои националистичка реторика која предизвикува поделеност и претставува опасност за растот и заедничкиот живот во мир и просперитет.

Тој додаде дека е јасно оти земјите од Западен Балкан само заедно ќе можат да влезат во Европската унија, што ја прави регионалната иницијатива за добрососедски односи уште поважна.

Тој, според написите, го пофали Косово бидејќи административните премини се отворени за стока од Србија.

Шолц посочи дека билатералните проблеми на земјите-кандидатки треба да останат билатерални и да не влијаат на европската интеграција која се заснова на заслуги.
Тој рече и дека е договорен акциски план за борба против пластичниот отпад, побрзо спроведување на зелената агенда за Западен Балкан до 2030 година, кој Германија го поддржува и во оваа смисла планираните 1,5 милијарди евра ќе бидат исплатени до крајот на годината.

Лидерите од Западен Балкан денеска на самитот на Берлинскиот процес ја потпишаа новата фаза од Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар од 2025 до 2028 година.

На самитот беше одбележана 10-годишнината од Берлинскиот процес.

Лидерите го потпишаа и Договорот за пристап до високото образование и прием на студии во Западен Балкан и ја усвоија Декларацијата за пристап и соработка во инфраструктурата за истражување и иновации и Декларацијата за регионални стандарди за проверка на директните странски инвестиции.

Лидерите на Берлинскиот процес ги истакнаа резултатите постигнати во рамките на Заедничкиот регионален пазар 2021-2024 година, вклучувајќи слобода на движење со лична карта, меѓусебно признавање на високото образование и професионални квалификации во регионот, целосно функционален режим на роаминг како во Западен Балкан, намалување на трошоците за роаминг на податоци помеѓу ЕУ и шесте земји од Западен Балкан, напредок кон членство во Единствениот европлатен простор (SEPA), воспоставување зелени коридори и намалување на времето на чекање и ги поздрави напорите направени за зајакнување регионална соработка, пишуваат медиумите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK