Шмит: Потребен е силен и заеднички одговор на меѓународната заедница во БиХ

shmit 1
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Високиот меѓународен претставник во БиХ, Кристијан Шмит денеска изјави дека е потребен силен одговор и заеднички стратешки пристап на меѓународната заедница за да се заштити суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ, како и степенот на реформи, развој и досега постигнатата стабилност.

– Меѓународните партнери изразија целосна поддршка за високиот претставник и за извршувањето на неговите овластувања како одговор на потезите на претседателот на Република Српска, Милорад Додик и други, кои се противуставни и го прекршуваат Дејтонскиот мировен договор и ја поткопуваат структурата на БиХ, соопшти Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) по Форумот во Дубровник, каде Шмит одржа неколку средби со претставници на западните земји.


Шмит во Дубровник се сретна со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, специјалниот пратеник на Велика Британија за Западен Балкан, Стјуарт Пич и специјалниот претставник на ЕУ за Дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак, како и со заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани и други официјални претставници.

– Високиот претставник и неговите соговорници разменија мислења за последните случувања во БиХ, а особено за ситуацијата во РС во светло на одлуките донесени од високиот претставник со цел да се запре кршењето на уставниот поредок на БиХ и Дејтонскиот мировен договор од страна на властите на РС, се истакнува во соопштението на ОХР.

Шмит минатата недела ги поништи законите за неспроведување на одлуките на Уставниот суд на БиХ и одлуките на високиот претставник, кои претходно беа усвоени од Народното собрание на РС, како и измените на Кривичниот законик, според кој неспроведувањето на неговите одлуки се третира како кривично дело.

Потоа, претседателот на РС, Додик потпиша указот за прогласување на спорните закони, кои денеска беа објавени во Службен весник на РС.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK