Минатата година во Грција помалку од една третина од децата без придружба успеале да добијат азил, додека остатокот од барањата биле одбиени или изгубени, објави организацијата Спасете ги децата (Save the Children), повикувајќи на подобра заштита на најзагрозените.
Една од главните рути што ги води бегалците и мигрантите од Блискиот Исток, Азија и Африка до Европската Унија минува низ Грција.
Во извештајот на „Спасете ги децата“ се истакнува дека лани во Грција биле прифатени 981 барање за азил на деца без придружба (до 18 години), од вкупно 3.175.
– Тие податоци покажуваат дека многу деца кои се сами не го остваруваат правото на заштита и ги немаат потребните документи кои би им овозможиле да останат во државата, наведува невладината организација, обвинувајќи ја бирократијата дека дозволува малолетници да живеат во Грција без документи, поради што нивната состојба е веќе страшна, и станува уште потешка поради зголемената изложеност на насилство, злоупотреба и експлоатација.
– Децата без документи живеат несигурно и во страв од депортација. Овој страв е особено изразен кај децата кои по грешка се регистрирани како возрасни, велат од Save the Children.
Организацијата бара воведување посебна дозвола за престој за деца без придружба на кои не им е одобрен азил, како и подобар пристап до медицински услуги, особено услуги за ментално здравје, како и образование за една од најранливите групи бегалци и мигранти.