Ставањето на директорот на српската Безбедносно-разузнавачката агенција (БИА) Александар Вулин на списокот со санкции на САД треба да се смета за нов акт на американска агресија врз Србија, соопшти денеска Руската служба за надворешно разузнавање (СВР), јави дописникот на МИА од Белград.
-Ова е еден обид на Вашингтон грубо да се меша во работите на независна држава и нов чин на американска агресија против Србија. Денес секој кој ги брани своите национални интереси и одбива да танцува како САД свират е автоматски санкциониран, се вели во соопштението, пренесува агенцијата Бета.
Руската служба за надворешно разузнавање забележува дека незаконските санкции со кои САД се обидуваат да ги заплашат геополитичките противници се „гест на слабост и конфузија, но не и на сила“.
-Слободољубив, верен на својата историја и традиција, српскиот народ никако не се вклопува во смртоносниот светски поредок на американскиот претседател Џозеф Бајден и поради тоа особено ја иритира Белата куќа, наведуваат од руската служба за разузнавање.
Во соопштението на СВР се наведува дека американските санкции против Вулин се „доказ за квалитет“ дека тој е храбар и национално ориентиран политичар.