Излезноста на парламентарните избори во Грција заклучно со 13.30 часот, односно шест и пол часа по почетокот на гласањето е 29,13 отсто, согласно официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи, надлежно за изборниот процес, јави дописничката на МИА од Атина.
Податоците, како што соопшти генералниот секретар во Министерството Михалис Ставрианудакис, се од 18.794 гласачки места, односно 87 отсто од вкупниот број, а во споредба со изборите во мај годинава, излезноста за истиот период е за 2,4 проценти пониска.
Следните податоци ќе бидат соопштени околу 17 часот.
Првите официјални резултати од денешните избори, Министерството за внатрешни работи се очекува да ги објави околу 20.30 часот по локално време.
Час и половина претходно, штом се затворат гласачките места, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit poll, кои доста често го најавуваат победникот.
На изборите минатиот месец излезноста беше 61,1 отсто наспроти 57,78 проценти на парламентарните избори пред четири година.