Министерот за заедници и враќање во косовската Влада, Ненад Рашиќ најави дека многу бргу ќе биде повлечена владината одлука за забрана за влез на стоки од Србија во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното интервју за програмата на српски јазик на државната радиотелевизија, РТК2, Рашиќ рече дека информацијата ја добил директно од премиерот Албин Курти.
Иако не наведе точен датум кога забраната може да се укине, министерот од редовите на српското малцинство во кабинетот на Курти рече дека тоа е „првата работа во агендата“ на Владата.
– Мислам дека ќе се случи наскоро, со тоа што се молам да не настане некоја дополнителна компликација, да не падне во втор план, затоа што е сега првата работа во агендата, рече Рашиќ.