Рама во Приштина ќе се сретне само со претседателката Османи

rama
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Албанскиот премиер Еди Рама нема да ја откаже балканската турнеја и покрај тоа што неговиот косовски колега Албин Курти одби да се сретне со него, јавија медиумите во Тирана.







Рама утре наутро ќе отпатува за Скопје на средба со премиерот Димитар Ковачевски, а потоа според планираното ќе продолжи за Приштина.

– И покрај одбивањето на премиерот Албин Курти да го прими на разговор, Рама ќе го посети Косово, но ќе се сретне само со претседателката Вјоса Османи. Средбата Рама – Османи ја потврдиле за „Еј-би-си Њуз“ (ABC News) доверливи извори.

Самиот Рама за медиумите не го коментираше новиот судир со Курти, туку само потврди дека „во четврток вечер ќе биде во Косово“.

– Што се однесува до утре во Приштина и целата турнеја, ќе зборувам кога ќе дојде време да зборувам, а тоа е утре во Приштина, кусо истакна Рама.

Предвидено е Рама в петок да ја посети Босна и Херцеговина, а потоа за Црна Гора, каде ќе се сретне со неговите колеги. Последна станица од турнејата на шефот на албанската Влада ќе биде Белград, каде ќе се сретне со претседателот Александер Вучиќ.

Тензиите на северот на Косово, стабилноста на регионот и Берлинскиот процес за Западен Балкан се главните теми на петте средби на Рама следните два дена.

– Следниот Самит на Берлинскиот процес ќе се одржи на почетокот на октомври во Тирана, а тоа е причината за преземање на оваа турнеја на Еди Рама во сите земји од Западен Балкан, кои се дел од Берлинскиот процес. Но, во Приштина и Белград во дискусиите ќе доминира кризата меѓу Косово и Србија, посочуваат медиумите.

Инаку, претходно косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека не сака да се сретне со својот албански колега Еди Рама, условувајќи средбата со седница на владите на двете земји.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK