Првиот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој се наоѓа во британски затвор, трпи страшни болки бидејќи не му биле дадени потребните лекови, ниту пак му била укажана лекарска помош, изјави неговата ќерка Соња Караџиќ Јовичевиќ и истакна дека тоа го смета за обид за убиство.
„Радован со денови ми кажува дека има болки во стомакот и карлицата кои се зголемуваат. Не му го дадоа лекот што требаше да го прими. Чекаше, се обиде да дојде на лекар. Не ми дозволи да се обратам до медиумите“, рече Јовичевиќ.
Таа истакна дека Радован се јавил денеска во 14 часот и 30 минути и дека едвај зборувал, но успеал да каже дека стомакот му е огромен од синоќа, дека има страшни болки и дека никој нема да му помогне ниту пак да се јави на лекар.
Поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ се наоѓа во англискиот затвор „Вајт“ каде што ја издржува казната во страшни услови, пренесуваат српските медиуми.