Протест на косовските новинари поради одземањето на дозволата на ТВ Клан Косова

tv-klan-kosova
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Асоцијацијата на новинари на Косово (АГК) ги повика медиумските работници да се приклучат на денешниот протест во косовската престолнина против намерата на властите да ѝ ја одземат дозволата за работа на телевизијата Клан Косова, јави дописникот на МИА од Приштина.

Протестот под мотото „Демократијата умира во мрак“ ќе се одржи на главниот плоштад во центарот на Приштина, со почеток во 12 часот.


– Асоцијацијата на новинари на Косово ги повикува колегите новинари, камермани и фоторепортери, како и припадниците на граѓанското општество, да се приклучат на протестот утре во 12 часот, на плоштадот „Захир Пајазити“, се вели во објавата на АГК.

Министерството за индустрија, претприемништво и трговија (МИНТ) на Косово, пред неколку дена донесе одлука за одземање на дозволата за работа на Клан Косова, со образложение дека во документацијата за регистрација на медиумот стои оти тој е регистриран во градовите Пеќ и Ѓаковица во Косово, но дека во одлуките стои „Косово и Метохија – Србија“, со што, вели МИНТ, е прекршен Уставот на Република Косово.

Против затворањето на приштинската телевизија се огласија речиси сите косовски медиуми и невладиниот сектор, амбасадите на ЕУ, на Квинтата (САД, Франција, Германија, Велика Британија и Италија), Мисијата на ОБСЕ во Приштина, Европската новинарска федерација и други.

Од Клан Косова тврдат дека претензиите на МИНТ се лажни и дека, согласно претходното барање на тоа министерство, ги презеле дејствијата за исправка на наводните грешки. Телевизијата најави жалба пред надлежните судски инстанци.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK