– Последната група од 35 навивачи уапсени за инцидентите во понеделникот вечерта пред стадионот на АЕК, кога беше убиен 29-годишен навивач на атинскиот тим, денеска ќе биде изведена пред истражните судии, со што и ќе заврши маратонскиот процес што започна во петокот, јави дописничката на МИА од Атина.
Од уапсените 105 навивачи, 70 веќе беа сослушани вчера и завчера и од обвиненијата не беше ослободен ниту еден од нив, со оглед на тоа дека на сите им беше одредена мерка притвор.
Од нив, 67 се хрватски државјани, двајца се Грци и еден Албанец.
Процесот на сослушувањето на уапсените 105 лица, кои беа поделени во три групи, започна во петокот со првата група од 30 навивачи, продолжи вчера со вторите 40 и завршува денеска со последните 35 уапсени.
Уапсените се товарат за четири кривични и седум прекршочни дела, меѓу кои и за убиство со умисла, иако убиецот сѐ уште не е идентификуван, за криминална организација, за експлозија и поседување експлозивен материјал итн.