Мешани екипи во Националниот центар за итна помош (ЕКАВ) кои ќе ги сочинуваат припадници на војската и противпожарната служба на Грција за да се пополнат празните места и како привремено решение за недостигот на персонал во итната помош во земјата, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговата денешна посета на Министерството за здравство, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис објасни дека го прифатил предлогот на министерот за здравство и веднаш ќе биде издаден законски акт со кој на Министерството за здравство му се дава можност, „преку ЕКАВ да го искористи персоналот на Противпожарната служба и вооружените сили“, за во текот на летото, да се покријат потребите од персонал за амбулантни возила.
Паралелно додаде дека е привремена мерка и најава дополнителни интервенции за подобрување на работата на службите за итна помош.
-Разговаравме за одредени особено интересни идеи доставени од Министерството, кои верувам дека многу брзо ќе можеме да ги спроведеме и граѓаните во следните месеци, а не следните години, веќе ќе видат значителна разлика во брзината, но и во квалитетот на одѕивот на службите поврзани со брзата помош, рече Мицотакис.
Конкретната одлука доаѓа откако во изминатиот период во Грција имаше неколку случаи кога граѓани починаа чекајќи амбулантно возило на итна помош.
На средбата во Министерството за здравство, грчкиот премиер и надлежниот министер Михалис Хрисохоидис разговарале и за предизборната заложба на Нова демократија за „земјата да добие Национален здравствен систем достоен на очекувањата на грчките граѓани“.
На првата владина седница минатата седмица, Мицотакис рече дека исто како и во 2019 година на почетокот на првиот мандат, така и сега ќе ги посети сите министерства.
Започна во средата со посета на Министерството за финансии, продолжи денеска со Министерството за здравство, а в петок ќе го посети Министерството за климатски кризи и цивилна заштита.