Претседателот Бегај за утре го свикува Советот за национална безбедност за кибер безбедноста

begaj_3453454
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Албанскиот претседател Бајрам Бегај за  утре, 13 јуни, го свика Советот за национална безбедност на кој ќе се расправа за состојбата со кибер безбедноста и мерките што се преземаат за зајакнување на кибер-одбраната во Република Албанија, објавија од неговиот кабинет.

Свикувањето на состанокот на Советот за национална безбедност, се додава во објавата,  има за цел “да ја анализира моменталната состојба на кибер-безбедноста, предизвиците и заканите со кои се соочуваме на овој план”.


-Одговорните институции ќе го информираат Советот за национална безбедност за преземените мерки за зајакнување на кибер одбраната при имплементација на препораките дадени на состанокот на Советот за национална безбедност, одржани во  октомври минатата и јануари оваа година.

На средбата ќе учествуваат претседателката на Собранието, Линдита Никола, премиерот Еди Рама, вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, министерот за одбрана, Нико Пелеши, министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, министерот за правда, Улси Мања, министерот за внатрешни работи, Бледи Чучи и министерката за финансии и економија, Делина Ибрахимај.

Исто така, на средбата ќе присуствуваат и претседателот на парламентарната комисија за безбедност, Насип Начо, началникот на Генералштабот на албанските вооружени сили,  бригадниот генерал Арбен Кинѓи, генералниот директор на државната полиција, Мухамет Румбулаку и директорката  на албанската тајна служба, ШИШ, Влора Хисени, како и директорот на Националната агенција за сајбер безбедност Игли Тафа.

Серија кибер напади врз системите на албанската Влада и МВР  се случија во периодот од 15  јули до 9 септември минатата година. За нападите беа обвинети припадници на иранската група “татковинска правда”.

На 7 септември Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран и им нареди на иранските дипломати и на вработените во амбасадата да ја напуштат земјата во рок од 24 часа, што и го направија.

-Владата одлучи моментално да ги раскине дипломатските односи со Исламската Република Иран. Овој екстремен одговор е целосно пропорционален со големината и ризикот на кибернападот што се закани да ги парализира јавните услуги, избрише дигиталните системи, хакира државните документи и да предизвика хаос и несигурност во земјата“, изјави тогаш премиерот Еди Рама.

Двете земји имаат тензични односи од 2014 година кога Албанија прими над  3.000 членови на протераната опозициска група Народна муџахединска организација на Иран, кои се сместени во камп во близина на Драч.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK