– Нешто помалку од десет милиони Грци, потично 9.813.595 граѓани денеска гласаат на парламентарните избори во Грција, втори за еден месец откако по изборите на 21 мај, поради пропорционалниот модел и укинувањето на бонусот пратеници за победникот, ниту една од партиите не успеа да формира Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Гласањето е од седум часот утрово до 19 часот по локално време, а е задолжително за сите граѓани со право на глас, со исклучок на оние кои не се во земјата или се на возраст од над 70 години.
На изборите учествуваат 26 партии, четири коалиции и два самостојни и независни кандидат.
Традиционално веднаш по затворањето на гласачките места, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот.
Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 20.30 часот по локално време.
На овие избори ќе се спроведат и новините од мајските избори: повторно гласат Грците кои живеат во странство, без да биде потребно да се вратат во земјата и право на глас имаат и 17-годишните односно родените во текот на 2006 година, а за прв пат ќе се примени мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност, што значи и враќање на бонус пратеници за првата партија.
Изборниот законик во Грција, во изминатите години беше два пати променет, во 2016 година за време на Владата на СИРИЗА кога се изгласа пропорционалниот систем и се укина бонусот од 50 пратеници и во 2020 година за време на Владата на Нова демократија, кога одново се врати бонус системот за првата партија.
Пропорционалниот систем важеше само на минатите избори и поради укинатиот бонус ниту една партија не успеа да формира Влада.
Денеска пак, се спроведува мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност и враќање на бонус пратеници за првата партија, но бонусот нема да биде фиксен од 50 пратеници, како што беше случај во минатото туку бројот ќе биде во зависност од освоените гласови и колку партии ќе останат вон Парламентот, а ќе се движи меѓу 20 и 50 дополнителни пратенички места.
На 21 мај годинава, Нова демократија победи со освоени 40,79 отсто од гласовите, СИРИЗА беше втора со 20,07 проценти, ПАСОК освои 11,46 отсто, а во Парламентот место обезбедија пет партии кои го достигнаа неопходниот изборен праг од три отсто за влез.
Излезноста минатиот месец беше 61,1 отсто наспроти 57,78 проценти на парламентарните избори пред четири година.
Истражувањата на јавното мислење во Грција во изминатиот период прогнозираат убедлива победа на Нова демократија и веројатно повторување на изборниот резултат од минатиот месец, а во комбинација од предвидениот бонус пратеници за победникот би резултирало со формирање еднопартиска Влада на Нова демократија.
Она што останува нејасно е бројот на партии што би обезбедиле влез во Парламентот, со оглед на тоа што според последните анкети, можно е потребниот изборен праг од три отсто да го поминат и две нови партии: Курс на слободата на поранешната претседателка на Парламентот од редовите на СИРИЗА Зои Константопулу и десничарската Победа од Солун.
Грчкиот Устав предвидува веднаш по изборите претседателот на државата на лидерот на партијата победник да му го додели мандатот за формирање Влада, а во конкретниот случај доколку се потврдат прогнозите, Мицотакис веројатно веднаш би формирал еднопартиска Влада.
Без оглед на процедурите за формирање Влада, новиот парламентарен состав што ќе произлезе од изборите, првата седница ќе треба да ја одржи следниот понеделник на 3 јули.
Изборите во Грција започнаа вчера со гласањето на Грците кои живеат во странство со пријавени 25.610 Грци и отворени 102 гласачки места во 85 града во 35 земји.